• A-
  • A
  • A+
четврток, 20 септември 2018, 

Состојбата на Европската унија: Какво ќе биде наследството на Жан-Клод Јункер?

Состојбата на Европската унија: Какво ќе биде наследството на Жан-Клод Јункер?

ДПА - Хамбург

12 септември 2018

Пред четири години, претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер предупреди дека тоа е „последна шанса“ ЕУ да се доближи до луѓето, во спротивно постои ризик проектот да се распадне. Во пресрет на неговиот денешен говор за состојбата на Унијата, многумина се прашуваат: „Дали тој не успеа во тоа?“

Во своето прво обраќање во октомври 2014 година претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер предупреди дека тоа е неговата „Комисија на последна шанса“.

- Или ќе успееме да ги доведеме нашите граѓани поблиску до Европа, или сме неуспешни, предупреди Луксембуржанецот Јункер, кој е роден во студен есенски ден во францускиот град Стразбур.

Сега, четири години подоцна, 63-годишниот Јункер треба да се обрати последен пат за состојбата на Унијата пред изборите за Европскиот парламент во мај 2019 година, на кои, како што многумина предвидуваат, популистичките антиевропски сили може да постигнат убедлив успех.

Европската унија се наоѓа на тежок крстопат. Велика Британија треба да ја напушти во март, а на дневниот ред доминираат предизвици како миграцијата, подемот на популизмот и новиот геополитички поредок.

Во овие услови, Јункер ќе ги претстави плановите за неговата последна година на функцијата и се очекуваат иницијативи поврзани со миграцијата и граничната контрола, со онлајн пропагандата и прекинување на летното сметање на времето.

Но, зад сето тоа виси прашањето за наследството на Јункер: Ја уништи ли тој последната можност на Еврокомисијата?

Жан-Клод Јункер

Додека беше на функцијата економската криза во Грција го донесе еврото на работ на исчезнување; еден милион бегалци и мигранти стигнаа во Европа; Велика Британија одлучи да го напушти блокот; популистичките сили се зголемија.

- Национализмот никогаш не ги решавал проблемите, туку само создавал нови. Оние кои се повлекоа во својот национален оклоп, не можат да ги надминат предизвиците затоа што им недостасува визија, изјави Јункер во писмени одговори на интервју за ДПА. 

Популистите предлагаат пароли, а Европската комисија - решенија, рече Јункер. Миграцијата упорно доминира на агендата на Јункер, која предизвика земјите членки да се спротивстават една на друга, додека повикуваат на реформа на правилата на ЕУ и бараат начини за подобро решавање на новопристигнатите.

Неуспехот да се најде заеднички приод на ЕУ кон миграцијата може да се памети како едно од најголемите разочарувања на Јункер.

Тој, сепак, смета дека има и многу работи со кои се гордее - како што е справувањето со кризата во Грција и инвестициската програма на ЕУ, која ја почна во 2014 година.

- Останувањето на Грција во Еврозоната - како и заради единството на еврото -  за мене лично секогаш беше емоционално прашање, изјави тој.

Еврозоната излезе од кризата посилна, според Јункер, поради неговиот инвестициски фонд, кој искористи релативно малку пари на ЕУ, за да поддржи инвестиции од околу 335 милијарди евра и помогна во создавањето на 750.000 работни места.

- Се гордеам со тоа, изјави претседателот на Еврокомисијата.

Жан-Клод Јункер

Економскиот раст во ЕУ порасна од 0,3 отсто во 2013 година на 2,4 проценти во 2017 година. И покрај тоа, расположението во многу земји членки останува депресивно - не само во Грција, каде што еден од пет луѓе е невработен.

Повеќе од две години, Европската комисија е во спор со Полска за основните вредности на ЕУ, како што се владеењето на правото и поделбата на власта.

Во меѓувреме, во Унгарија премиерот Виктор Орбан ги предизвика демократските вредности на ЕУ со својата амбиција да изгради „нелиберална“ држава.

На Самитот на НАТО во јули Јункер стана дел од главните вести од погрешни причини, кога беше емитувано како се влечка и губи рамнотежа до други лидери, а тоа предизвика сериозни прашања дали е способен да ја извршува својата должност.

Меѓутоа, неколку недели подоцна, Јункер се стегна и замина за Вашингтон, каде што ги изненади сите со постигнување договор за трговија со американскиот претседател Доналд Трамп, спречувајќи трговска војна.

Кога се ќе се земе предвид, последните четири години беа одење по затегнато јаже и за Јункер и за Европската унија. јт/сп/07:57

###

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.