• A-
  • A
  • A+
петок, 21 септември 2018, 

Лавров: Санкциите се обид за промена на режимот

Лавров: Санкциите се обид за промена на режимот

Москва, 16 декември 2014 (МИА) - Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров денеска изјави дека има „многу сериозни причини“ да верува дека санкциите на Западот се обид за спроведување промена на режимот во Москва.

Во интервју за ТВ каналот „Франс 24“ Лавров, исто така, кажа дека санкциите покажале дека Европската унија не е независна од САД кога станува збор за надворешната политика, пренесоа француските медиуми.

На прашањето дали санкциите се обид сегашните лидери во Русија да си заминат од власта, Лавров рече дека има „многу сериозни причини да верува дека е таков случајот“.

- Некои политичари дури тоа и не го ни кријат, рече Лавров.

Шефот на руската дипломатија изјави дека американскиот потпретседател Џо Бајден јавно кажа дека Вашингтон и наметна на Европа придружување кон санкциите против Русија.

- Искрено, навистина е штета што многу години ја преценувавме независноста на Европската унија, па дури и на големите европски држави, истакна Лавров.

„Можам да Ве уверам дека ние не само што ќе преживееме, туку ќе излеземе посилни. Во нашата историја многу пати бевме во многу потешки ситуации , и секој пат излегувавме многу посилни. Тоа ќе се случи и овој пат“, рече Лавров.

Лавров додаде дека санкциите и штетат на Русија, но дека тоа не е нејзин проблем.

- Тоа е проблем на Европската унија, на САД и другите држави, рече Лавров.

Шефот на руската дипломатија го критикуваше американскиот Конгрес кој во саботата едногласно ги одобри новите економски санкции кон Русија и испораката на оружје за Киев.

- Конгресот е посебна група на луѓе: повеќе од 80 отсто од нив никогаш не ги напуштиле САД. Тие живеат во свој свет, така што не сум изненаден од оваа русофобија, рече Лавров.

„Ние сакаме да видиме што (претседателот на САД, Барак) Обама ќе направи, бидејќи законот не е автоматски“, додаде Лавров.

Шефот на руската дипломатија изјави дека украинскиот претседател Петро Порошенко е најдобрата шанса за Украина во овој момент.

- Не можам да кажем дека имаме какви било тешкотии во конктактите со украинскиот претседател Петро Порошенко на ниво на лидери на две држави. Двете страни оддржуваат редовен дијалог, рече Лавров, а пренесе ТАСС. сд/ссм/18:13

###

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.