Лавров: Запад не крие коja e цeлтa нa санкциите

Лавров: Запад не крие коja e цeлтa нa санкциите

Москва, 25 декември 2014 (МИА)  - Западот не крие дека цел на санкциите против Русија е да и се нанесе штета на руската економија и народот да се сврти против власта, изјави шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров.

- Јавно се кажува дека целта на санкциите е да и се нанесе неприфатлива штета на руската економија и народот да почувствува колку лошо живее под овој режим, рече Лавров во интервју за дневниот весник „Комерсант“.

Тој потенцираше дека „поводите за засилување на овој притисок се бираат многу валкано“ и потсети дека во јули секторските санкции беа воведени „на бранот на хистеријата што беше крената по падот на малезискиот боинг“, пренесе ТАСС.

- Нечесно е и валкано една трагедија да се користи за постигнување на својата геополитичка цел, рече Лавров.

Тој, исто така, укажа дека многу европски земји биле многу воздржани дури и кон првиот бран од санкциите, додавајќи дека, меѓутоа, „веќе за никого не е тајна дека токму Американците ја натераа цела Европска унија да се потчини на нивните барања, за што е отворено, без срам зборуваше потпретседателот на САД Џозеф Бајден кога пред неколку месеци зборуваше на еден американски  универзитет“.

Лавров, истовремено, предупреди дека Русија ќе преземе правни мерки доколку партнерите ги прекршуваат своите меѓународни обврски. сд/нд/07:47

###

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.