Путин е премногу либерален, мора да покаже на Западот чија мајка црна волна преде

Путин е премногу либерален, мора да покаже на Западот чија мајка црна волна преде

23 јули 2017

Дојче веле - Бон

Најновите анкети кои ги спроведе аналитичкиот центар „Левада” покажуваат дека голем број Руси сакаат заострување на политиката. Путин за нив е дури и премногу либерален. Зошто е тоа така?

Познатото прашање на Јевтушенко „Сакаат ли Русите мир?” направи лупинг: Русија сака да војува и во Украина (а тоа го порекнува) и во Сирија. Па би било логично да прашаме дали Русите сакаат мир. Инаку со воените паради, лажните јуриши на Рајхстагот, со паролите „Можеме ние повторно” и „На Берлин” – нема да има крај. Жителите на селата ширум земјата сакаат да одат наоколу во маскирни униформи, трговците на славниот Ден на победата ставаат шапки, а децата се шетаат во воени формации.

Што е тука кокошка, а што јајце? Дали власта се повини на воените чувства на народот? Или власта заедно со пропагандата посеа во народот радост за воена мобилизација? Според мене тука станува збор за редок случај на кокошка и јајце.

Според истражувањето на аналитичкиот центар „Левада” третина Руси сакаат идниот претседател кој и да биде (а веројатно ќе биде истиот), да ја заостри внатрешната политика. Путин за нив е дури и премногу либерален. Тие сакаат повторно да се воведе смртна казна и тепање, да се уништи „петтата колона” и да се забрани продажба на долари, како и уште многу работи. А ако станува збор за надворешната политика, на Западот треба да се покаже чија мајка црна волна преде.
40 отсто од населението сакаат се да биде така како што е. Ништо да не се менува. Се е одлично. Само некои 13 проценти сакаат либерализација и смирување со Западот.

Па добро, го знаеме резултатот од анкетите во вакви држави. Тоа е како оган од свеќа на силен ветер кој се навалува на сите страни. Според резултатите на друга анкета, секој четврти млад Русин сака да ја напушти Русија, за секогаш. А од вкупното население, секој 10-ти сонува за емиграција. Едвај составуваат крај со крај. Сепак, сакаат ли Русите мир?

Во европското разбирање, Русија живее зад огледалото. За да се исправи и да се приближи на Западот, треба да го скрши огледалото, што во руската колекција на суеверие означува смрт.

Секогаш по изборите на кое било ниво, се покажува дека народот гласа за власта. Опозицијата се сомнева во резултатите. Местењето на изборите е посебна приказна, а колку и да е тоа масовно, видно е дека народот еднакво стои зад власта. Потоа интелигенцијата го проколнува народот, спомнува ропство, гушење на слободата.. и тоа трае некој месец. Потоа клетвите стивнуваат и народот (според сите тие 13 проценти) повторно станува жртва на режимот кој земјата ја окупирал на свој чекистички начин.

Дали интелигенцијата се служи со лукавство? Најверојатно тоа е лукавство на либералната идеологија. За да се спаси народот треба верба и потреба за негов спас. Но, тука и лежи неволјата. Зарем народот толку немоќно се однесува кон чекистите? Интелигенцијата во нив гледа продолжено дело на НКВД – КГБ. За мнозинството чекистите се избраници на судбината на кои треба да им се позавиди, заштитници на татковината кои го чуваат редот. Тоа, без никаква иронија е реален мит. Тие херои постојано се наоѓаат во војна со Западот, а судирот се заостри, на нивна радост и за забава на народот. Путин потпишува закон за продолжување на контрасанкциите – Ураа! Сите се радуваат! Русија не го плаќа својот придонес во Советот на Европа. Реакција – тие се виновни. Како тие, кои тие? Како кои?
Европа!

Накусо, војната е подобра од мирот. Не баш голема, атомска војна. Во свеста на народот постои една загуба, чие ограничување за власт не е пожелно. Сама по себе војната нема да го исплаши општеството кое не е зафатено од „западниот” пацифизам.

Еднаш на едно московско либерално радио слушнав дека четвртина слушатели би оделе да се борат во Донбас, за да ги отплатат кредитните долгови. Воениот напор ја ослободува власта и народот од скапоцената припадност на хуманата цивилизација. За власт на богатите кои се оградија од Западот, им годи наоѓањето на нов чин за студена војна (иако војната и не е толку студена!). Тие го кријат хроничното заостанување на економијата и пад на модернизацијата. Мобилизацијата ја симнува од власта одговорноста за сите неволји. И за се е виновен Западот. А на кого не му се допаѓа, па границите се речиси отворени. Нека се упати кон нив во протестно заминување!

Спин од пинтерест

Соочена со една можна форма на власт за Кремљ, интелигенцијата се кае: Ние сме виновни! Како го дозволивме тоа? Се бијат во гради. Но, тоа не го прават без лукавост. Кој повеќе се кае, тој е во право. А не се во право тие кои молчат и одат на компромиси со власта. А во било кој авторитарен режим, компромисот е дел од секојдневието, сакал или не.
Власта постојано повторува дека постапува исправно. Ништо не признава, ни рушењето на авинот, ни тоа дека не дале реално да се расветли убиството на Немцов, за да не изгледа неуверливо, таа испорачува по некоја корупмирана фигура, така како што кучињата со заби повремено вадат некоја болва од крзното.

И така, половина од народот не проговорува ни збор, наоѓајќи се во длабок историски шок. Путиновите гласачи имаат чисто биолошка задача да преживеат. Било каква промена ја доживуваат како опасност. Тие се за застој. Ако преживеал вчера, тогаш утре му треба исто такво време.

Сепак, според истражувањето на аналитичкиот центар „Левада” една третина од народот сакаат подобрување на приликите. Нивната желба за промена на климата е во целосна спротивност од тоа за што фантазира интелигенцијата. Третина Русија сака посилен поредок, поголема строгост и тоа воопшто, а не само и обавезно во политиката. Тој поредок се поврзува со Сталин. Како и да е, тој во очите на многу Руси е најчесниот човекојадец кој секогаш се борел за мир во целиот свет. вз/ссм/09:54

###

 

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.