• A-
  • A
  • A+
сабота, 22 септември 2018, 

Неактивноста го зголемува ризикот од болести

Неактивноста го зголемува ризикот од болести

Женева, септември 2018 (МИА) - Повеќе од 1,4 милијарди возрасни луѓе во светот имаат поголем ризик од заболувања поради недоволна физичка активност, се наведува во новиот извештај на Светската здравствена организација (СЗО).

Веќе 15 години нема подобрување во параметрите на физички активности кај мажите и жените. Во 2016 година, над четвртина од возрасните луѓе ширум светот не вежбале доволно, се вели во анализа објавена во списанието „Лансет Глобал Хелт Џурнал“.

Траењето на умерени физички активности кое се препорачува е 150 минути неделно. Околу 32 отсто жени и 23 отсто мажи од светската популација не ја достигнуваат таа цел. Со тоа, четвртина од светското возрасно население има зголемена опасност од дијабетес тип два, кардиоваскуларни болести, деменција и рак.

Испитувањето опфатило околу 1,9 милиони луѓе од 169 земји. Луѓето одговарале на прашање во врска со активностите на работа, дома во слободно време и во сообраќајот.

Истражувањето е спроведено во периодот од 2001 до 2016 година и покажува дека неактивноста е двојно поголема во побогатите отколку во сиромашните земји. си/паг/14:37

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.