• A-
  • A
  • A+
недела, 22 јули 2018, 

Се почести злоупотребите на профилите на Фејсбук и Инстаграм

Се почести злоупотребите на профилите на Фејсбук и Инстаграм

Скопје, 18 декември 2017 (МИА) - И покрај долгогодишните предупредувања и напори за едуцирање на граѓаните да внимаваат каде и како да ги оставаат своите лични податоци, особено на интернет, најбројни се претставките за злоупотреби на социјалните мрежи, особено на Фејсбук за креирање лажни или за хакирани профили. 

Од Дирекцијата за заштита на личните податоци (ДЗЛП) истакнуваат дека постојано се зголемува јавната свест кај граѓаните за злоупотреба на личните податоци и дека доказ за тоа е бројката на претставки за правото на приватност. Сепак, кога станува збор за Фејсбук тоа не е случај и во тој дел јавната свест е незначително променета. 

Фејсбук

До средината на ноември 2017 година до ДЗЛП пристигнале 334 претставки од кои 96 за злоупотреба на лични податоци на Фејсбук и 28 за Инстаграм. Причина за незначителното зголемување на јавната свест во врска со оставањето податоци на Фејсбук, посочуваат од Дирекцијата, е постојаното креирање нови профили на оваа социјална мрежа, особено од деца на 13 - 14-годишна возраст и други лица кои првпат креираат профил на социјалните мрежи. Предупредуваат дека повозрасните нови корисници на Фејсбук или другите социјални мрежи имаат помалку знаења за тоа како да ги заштитат своите податоци во споредба со тинејџерите, кои живеат во дигитален свет. 

До ДЗЛП има претставки и за видеа објавувани на Јутјуб, но и на најпознатите интернет канали за возрасни, како Порнхаб, и други вакви канали. Најчесто, како што појаснуваат, се работи за приватни видеа што подоцна, поради одредени причини, се злоупотребени и ставени на овие порно канали. Претставки за вакви видеа има во последните неколку години. 

До ДЗЛП, пак, во 2016 година биле поднесени 359 претставки и повторно најмногу за лажни профили на Фејсбук (145) и за хакирани профили (33). Од годишните извештаите на оваа институција за поднесените барања и претставки се гледа дека имало и лажни профили креирани од деца. 

Бројот на претставките расте од година во година, па така во 2009 биле поднесени 95 претставки, во 2010-192, во 2011-363, во 2012-385, во 2013-404, во 2014-371, во 2015-393, а во 2016-359. 

Кому и кој креира лажни профили на социјалните мрежи? 

Млада девојка од земјава пријавила лажен профил на Фејсбук. Нејзина фотографија во костум за капење била преземена од нејзиниот вистински профил на социјалната мрежа и ставена на лажниот профил со нејзините вистински телефонски броеви и информација дека дава одредени еротски услуги за пари. Девојката претрпела голем стрес и била посрамена пред своите пријатели. Побарала помош од ДЗЛП за итно бришење на овој лажен профил. 

Граѓаните треба да знаат, велат од ДЗЛП, дека најчесто лажни профили креираат лица од нивното непосредно опкружување кои ги знаат личните податоци и пријатели на својата „жртва“. Праксата покажува дека се испраќа покана за пријателство на заеднички пријатели, кои не знаат дека станува збор за лажен профил и кои го прифаќаат тоа барање. Кога ќе се направи поголема група пријатели, креаторот на лажниот профил објавува слика, видое клип или нешто со компромитирачка содржина за лицето за кое што го креирал лажниот профил. Информацијата дека имаат лажен профил, жртвите најчесто ја добиваат од пријателите кои ги видела содржините со компромитирачка содржина.

- Тој е начинот преку кој најчесто се дискредитираат луѓето и тука ние помагаме, посочуваат од ДЗЛП. 

Вработените во Дирекцијата ваквите и слични барања за Фејсбук ги упатува до нивната европска централа во Даблин и тие се само посредник во целата постапка. Затворањето на лажните профили не секогаш може да се случи веднаш и итно, предупредуваат од таму, особено што станува збор за американска компанија која може и да одбие одредено барање. 

Фатиме Фетаи лажен профил на Инстаграм

Многу често жртви на лажни или хакирани профили се и личности познати во јавноста. Неодамна МИА објави дека непознато лице креирало лажен профил на Инстаграм на специјалната јавна обвинителка Фатиме Фетаи. Случајот е пријавен во МВР. 

- Станува збор за класична злоупотреба на идентитетот на обвинителката Фетаи, при што овој лажен профил е искористен во јавноста да се пласираат ставови за актуелни настани со цел да им се наштети на угледот на обвинителката и на самото Специјално јавно обвинителство, посочија од СЈО.

За да нема хакирање или пробивање на профили, пак, на социјалните мрежи, мејлови и слично најдобро е, експертите советуваат, граѓаните да користат силни комплексни лозинки кои во себе нема да содржат лични податоци како датуми на раѓање и слично, бидејќи таквите лозинки многу лесно можат да бидат откриени односно многу лесно се хакираат. Како лозинки граѓаните треба да користат фрази од типот „Семките во лубеницата се мали“ и слично. 

Од Министерството за внатрешни работи за МИА информираат дека во текот на 2017 година до Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика евидентирани се 33 пријави за злоупотреба на лични податоци, како и креирање лажни профили на социјалните мрежи. 

По добиена пријава случајот се документира, потоа, како што појаснуваат од МВР, се известува Основното јавно обвинителство со цел да издаде Барање на податоци адресирано до социјалната мрежа на која е направена злоупотребата. Потоа преку воспоставениот електронски систем за комуникација со социјалните медиуми МВР испраќа барање, како на македонски така и на англиски јазик. По извесен период доколку се добијат потребните податоци се пристапува кон утврдување на корисник на ИП адреса и се преземаат дополнителни мерки и активности со цел да се утврди идентитетот на сторителот на кривичното дело. 

Обиди за избегнување долгови под изговор на заштита на приватноста 

Во последно време има граѓани кои под изговор дека им се злоупотребени личните податоци се обидуваат да избегнат плаќање долгови кои компании или извршители. 

Игор Кузевски

- Има обиди под изговор на заштита на приватноста да се одбегнуваат плаќања на одредени побарувања кон одредени субјекти. На пример, граѓани поднесуваат барања кај нас дека им била злоупотребена приватноста затоа што некој ги тужел и во тужбата ја употребил нивната адреса, име и презиме и матичен број, или некој им изработил фактура во која ја ставил нивната адреса и им ја испорачал. Тоа само по себе не претставува злоупотреба. Нивните верувања се дека им е злоупотребена приватноста затоа што тие не дале согласност да се употребуваат нивните податоци, изјави за МИА Игор Кузески, генерален секретар во ДЗЛП. 

Едно од начелата за обработка на личните податоци е за тоа да има законски основ, а законски основ за наплата на долг има, инаку, вели тој, како би функционирала државата. 

- МВР кога ви собира отисок од прст за да ви даде лична карта не бара согласност од вас, тоа му е утврдено како надлежност согласно закон и тоа не претставува злоупотреба. За тоа не се прашува дали се согласуваш или не, појаснува тој. 

Исто така има обиди од граѓани и за извршителите. Граѓаните во ДЗЛП, како што појаснуваат од таму, доаѓаат со прашањето од каде му се на извршителот нивните податоци за да им наплати побарување во име на некоја банка.  

Кузевски на ова вели дека извршителите по закон постојат за да извршат наплата на побарувања и тој, дециден е, по закон има право на увид во збирките на податоци за да ја реализираат надлежноста заради која што се основани.

- Тоа не е злоупотреба, вели генералниот секретар на ДЗЛП.  

Нова кампања за заштита на лични податоци и онлајн платформа за комуникација со ДЗЛП

Деновиве на интернет и на телевизиите може да се види новата кампања за заштита на личните податоци, а ДЗЛП заедно со Проектот „Поддршка за пристап до правото на заштита на лични податоци” промовираше и нова платформа за онлајн комуникација. Секој граѓанин и контролор на лични податоци ќе може да се регистрира на https://eprijavi.privacy.mk.  

Во Македонија интернет користат 1.503.000 луѓе или 72,2 отсто од населението, додека милион се приклучени на социјалната мрежа Фејсбук, според податоците на „Интернет ворлд стат“ објавени во октомври оваа година. Во Европа интернет користат 659,6 милиони луѓе, а Фејсбук 343,2 милиони. Во светот има 3,88 милијарди интернет корисници или 51,7 отсто од вкупната светска популација, а 1,7 милијарди луѓе имаат Фејсбук.

Елизабета Велјановска Најдеска

###

 

 

 

 

 

 

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ