Хронолошка рамка за користење на водата од Рашче од комплексот Железара

Скопје, 2 март 2018 

Советот на Град Скопје, на предлог на градоначалникот Шилегов, на 7-мата седница одржана на 01.03.2018 година, ја усвои новата зголемена цена што ќе ја плаќа „РЖ Услуги АД Скопје“ (комплексот Железара) како надоместок на трошоците за доведената вода. За предлогот на градоначалникот Шилегов за поскапување на водата за комплексот Железара, гласаа 38 советници, односно сите присутни на седницата.

„РЖ Услуги АД Скопје“ воопшто не плаќаше за оваа услуга во периодот од 1997 година до почетокот на 2016 година, кога почнаа да плаќаат симболична цена од 2,54 денари, а од 2017 година 3,55 денари за кубен метар вода. Сумата што ја плаќале од 2016 година досега е за 10 пати пониска од цената што ја плаќаат жителите на Скопје, а околу 16 пати пониска од цената што ја плаќаат другите правни субјекти во Скопје.

Со оваа одлука се воведува нова цена за услугата што ја добиваат „РЖ Услуги АД Скопје“ имајќи ги предвид реалните трошоци на ЈП „Водовод и канализација“ за вршење на оваа услуга.

Поскапувањето согласно со Одлуката ќе биде скалесто, при што до 2021 година треба да се изедначи со цената на водата што ја плаќаат другите правни субјекти во Скопје. Цената на водата што ќе ја плаќа „РЖ Услуги АД Скопје“ за 2018 година ќе изнесува 11,65 денари за кубен метар вода, во 2019 година 22,75 денари, 2020 година 34,20 денари, за во 2021 година истата да биде 46,63 денари за кубен метар вода.

Компаниите од комплексот Железара на годишно ниво трошат екстремно големо количество вода. За минатата 2017 година имаат потрошено 4.857.073 кубни метри вода или околу 30 проценти од вкупното количество од изворот Рашче.

 

Хронолошки преглед на настаните

1963 година - Изградена сегашната Каптажа Рашче I со просечна издашност од 3 м3/сек, а подоцна и цевковод од Ø1600 мм кој транспортираше вода за Железарницата. Инвеститор на Каптажата и цевководот беше Железарницата. „Водовод“ веднаш почнува да користи овој цевковод за потребите на Градот Скопје преку цевка Ø600 мм во населба Бутел, каде што се гради и станица за хлорирање на водата.

1969 година - Од истата Каптажа со посебен цевковод Ø1600 мм Градот Скопје почнува да користи вода за свои потреби.

1971 година - Односите помеѓу „Водовод“ и „Железарница“ во поглед на инвестирање и користење на водата од Каптажата Рашче, регулирани се со Договор бр.06-6734 од 31.07.1971 година, согласно со кој користењето на капацитетите, нивното одржување и понатамошно инвестирање треба да биде во сооднос 50/50.

1979 година - Со Анекс на Договор бр.08-7634 од 19.10.1979 год. договорено е инвестирање на Каптажата Рашче II со заеднички средства од тогашен ЈКП „Комуналец” - ООЗТ „Водовод и канализација” и Рудници и железарница по истиот сооднос 50/50 со тоа што другите членови од Договорот од 1971 год. и понатаму важат.

Подоцна поради финансиските тешкотии, Железарницата се откажа од инвестирање во Каптажата Рашче II, со тоа што довршувањето на Каптажата го презема ЈКП „Комуналец“ – ООЗТ „Водовод и канализација“.

1997 година - Со Договорот бр. 05-1625 од 14.03.1997 година за начинот на регулирање на обврските склучен помеѓу ЈП „Водовод и канализација Скопје“ и ПОС Рудници и железарница – Скопје (ПОС РЖС), договорено е преотстапување на Каптажата Рашче и цевководот Ø1600 мм што ја снабдуваше Железарницата, на доверителот Водовод - Скопје како компензација за средствата што ги побаруваше Водовод од Железарница. Во овој Договор задржана е клаузула во која се потврдува дека и понатаму е во сила Договорот од 1971 година.

Со преотстапување на Каптажата Рашче и цевководот Ø1600 мм до последниот затворач во ПОС РЖС, ЈП „Водовод и канализација” – Скопје станува фактички и правно сопственик и корисник како на двата магистрални цевководи Ø1600 мм, така и на целокупната разводна мрежа во градот, освен водоводната мрежа во кругот на ПОС РЖС.

2015 година - По одржани неколку состаноци на претставниците од ЈП „Водовод и канализација Скопје“ со претставници од Градот Скопје и претставници од „РЖ Услуги АД Скопје“, се изнајде преодно решение ЈП „Водовод и канализација Скопје“ да му ги фактурира трошоците кои ги има за одржување и работење на системот.

За таа цел, Управниот одбор на триесет и третата седница одржана на ден 03.12.2015 година донесе Одлука Бр.0202-13821/3 од 03.12.2015 година за утврдување на надоместок на трошоци за обезбедено доведување вода за „РЖ Услуги АД Скопје“. Одлуката е донесена согласно со изготвената пресметка од службите во претпријатието за висината на трошоците што процентуално се утврдени согласно со заедничкото користење на системот до точката на водоснабдување и се однесуваат на обезбедено доведување на водата до комплексот Железара. Висината на надоместокот согласно со Одлуката изнесуваше 2,54 денари/м3, без пресметан ДДВ.

Врз основа на оваа Одлука, ЈП „Водовод и канализација Скопје“ склучи Договор за водоснабдување со „РЖ Услуги АД Скопје“, заведен под Бр.0307-15214/1 од 14.12.2015 година.

Септември 2017 година - Врз основа на податоците од годишниот извештај на ЈП „Водовод и канализација Скопје“ за 2016 година, Управниот одбор на шеесет и петтата седница одржана на ден 05.09.2017 година донесе Одлука Бр.0202-13744/4 од 05.09.2017 година со која изврши промена на цената за надоместокот на трошоците за обезбедено доведување на вода за „РЖ Услуги АД Скопје“ од 2,54 денари/м3 на 3,55 денари/м3.


Февруари-март 2018 година - Врз основа на податоците од годишниот извештај на ЈП „Водовод и канализација Скопје“ за 2017 година, Управниот одбор на седницата одржана на ден 28.02.2018 година донесе Одлука Бр. 0202-2525/3 од 28.02.2018 година со која изврши промена на надоместокот на трошоците за обезбедено доведување на вода за „РЖ Услуги АД Скопје“ од 3,55 денари/м3 на 11,65 денари/м3 за 2018 година. Поскапувањето согласно со Одлуката ќе биде скалесто, при што до 2021 година треба да се изедначи со цената на водата што ја плаќаат другите правни субјекти во Скопје. Цената на водата што ќе ја плаќа „РЖ Услуги АД Скопје“ за 2018 година ќе изнесува 11,65 денари/м3 вода, во 2019 година 22,75 денари, 2020 година 34,20 денари, за во 2021 година истата да биде 46,63 денари за кубен метар вода.

На 01.03.2018 година, на предлог на градоначалникот Петре Шилегов, на 7-мата седница на Советот на Град Скопје беше извршено дополнување на дневниот ред при што беше додадена нова точка за усвојување на предлог Одлука за давање согласност на Одлуката за утврдување на цената како надоместок на трошоци за обезбедено доведување на вода со која е предвидено скалестото поскапување на цената на водата за „РЖ Услуги АД Скопје“.

За предлог Одлуката за поскапување на водата за „РЖ Услуги АД Скопје“, гласаа 38 советници, односно сите присутни на седницата.


ЈП „Водовод и канализација“ го прати и развива водоснабдувањето на градот Скопје и приградските населби и има една од најодговорните задачи да го снабдува со квалитетна вода за пиење градот и сите приградски населби.

Со цел одговорно користење на квалитетната вода за пиење од изворот Рашче во иднина потребно е целосно преземање на хигиенски исправната вода која сега ја користи комплексот Железарница, која изнесува приближно 30% од вкупното количество од изворот Рашче.

Сите развојни документи на градот како што е Водостопанската основа на Скопското подрачје, ГУП на градот Скопје и други развојни документи предвидуваат квалитетната и хигиенски исправната вода од изворот Рашче целосно да се преотстапи на Градот Скопје (ЈП „Водовод и канализација” ) за водоснабдување на населението, а за индустријата да се обезбеди техничка вода од други извори.

Град Скопје

___________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

###

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ