• A-
  • A
  • A+
петок, 21 септември 2018, 

Реакција на Министерството за транспорт и врски на пресот на ВМРО-ДПМНЕ за автопатот Демир Капија-Смоквица

 Скопје, 9 март 2018

Министерството за транспорт и врски остро реагира на прес конференцијата на ВМРО-ДПМНЕ во врска со доизградбата на автопатот Демир Капија-Смоквица.

Сакаме да потенцираме дека автопатот Демир Капија-Смоквица е завршен целосно и веќе следниот месец ќе биде пуштен во употреба. Се очекува надзорниот орган до 15 март да даде позитивен извештај за изградбата и со тоа да се заокружи целиот проект за кој во јавноста се отворија многу контроверзии наследени од претходната власт.

Тоа што владата на ВМРО-ДПМНЕ не успеа да го стори за пет години и да ја пушти во употреба оваа автопатска делница, со промената на извршната власт тоа се стори за само неколку месеци.

Доколку владата предовдена од ВМРО-ДПМНЕ беше загрижена за реализација на овој проект, тогаш да дадат одговори зошто пуштањето во употреба на автопатот беше два пати одложувана, еднаш во септември 2016 година и втор пат во мај 2017 година.

Исто така ги повикуваме да објаснат зошто навремено не се завршиле административните постапки за одобренијата за градење за изградба на контролниот центар во Неготино и за дислокација на далноводот за да може автопатот да биде пуштен во употреба во рамките на договорените рокови.

Со доаѓањето на оваа Влада, веднаш се завршија сите процедури во врска со одобренијата за градење и со тоа во најкраток рок е изграден контролниот центар а далноводот е дислоциран за да може сообраќајот да се одвива безбедно.

Исто така, по предлог на Министерството за транспорт и врски се направија и измени во Законот за градење се со цел да се поедностават конкретни административни постапки кои се однесуваат на добивање на употребна дозвола за да не се случи автопатот да биде вон употреба уште најмалку две години.

Министерството за транспорт и врски и Јавното претпријатие за државни патишта согласно своите надлежности ќе ги преземат сите активности за да може автопатот да биде пуштен во употреба согласно предвидените рокови.

 

Министерство за транспорт и врски

____________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

 

 

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ