Јавен состанок на АВМУ

Скопје, 28 март 2018 

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги денес го одржа првиот јавен состанок за 2018 година. За спроведените активности согласно Годишната програма за работа говореше д-р Зоран Трајчевски, директор на Агенцијата, кој ги презентираше реализираните активности во изминатото тромесечие – надзорите врз радиодифузерите, операторите на јавни електронски комуникациски мрежи и издавачите на печатени медиуми; изречените мерки; изработените истражувања, активностите на полето на меѓународна соработка и други активности.

На состанокот беа промовирани и публикациите кои ги издаде Агенцијата, а се однесуваат на родовите прашања во ТВ програмите. Трите Збирни публикации со годишни истражувања кои говорат за присуството и претставувањето на родовите во програмите на националните телевизии во период од 2012-2016 година, се издадени на македонски, албански и англиски јазик. Збирните публикации содржат пет истражувања и една мета-анализа која ги покажува трендовите во поглед на родот и медиумите. На настанот беше промовирана и публикацијата за родот во телевизиските програми во 2017 година, која се состои од две анализи од кои едната покажува дали, колку и на каков начин се присутни родовите прашања, а другата ја дава сликата за начинот на кој се претставени и прикажани родовите во програмите. Анализите во оваа публикација, исто така, се на македонски, албански и англиски јазик. 

Присутните имаа можност да ги проследат и наодите од истражувањето на мислењето на публиката за радио и ТВ програмите во Република Македонија, спроведено во периодот ноември -декември 2017 година. Истражувањето содржи податоци за ставовите на публиката за застапеноста и квалитетот на одделни програмски содржини на програмските сервиси на домашните телевизиски и радиостаници, степенот на задоволство со програмската понуда, начинот на којшто публиката ги користи медиумите, најгледани/најслушани програмски содржини. Истражувањето нуди податоци и за учеството и претставувањето на младите во медиумите и застапеност на лицата со различна сексуална ориентација.

АГЕНЦИЈА ЗА АУДИО И АУДИОВИЗУЕЛНИ МЕДИУМСКИ УСЛУГИ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА 

___________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ