• A-
  • A
  • A+
вторник, 18 септември 2018, 

Запленети девизи, техничка стока, облека и обувки

Скопје, 3 април 2018 

Во текот на минатата недела, царинските службеници спречија неколку обиди за криумчарење разна стока, при што привремено се задржани девизи, миксета, делови од машина за мешање малтер, облека, обувки, ташни и ремени.

Задржана е следната стока:

Девизи

- 5.000 евра, откриени на Интернационалниот аеродром Скопје, при личен претрес на македонски државјанин, кој имал намера да отпатува со лет за Базел. Патникот пријавил дека со себе носи 3.000 евра, но при извршениот личен претрес во џеб од неговите панталони биле пронајдени 8.000 евра за кои не поседувал документи за потекло. Согласно законските прописи, на патникот му биле вратени 3.000 евра кои ги пријавил, а 5.000 евра биле привремено задржани. Против патникот ќе биде поднесена прекршочна пријава за сторениот девизен прекршок.

Техничка стока

- 1 музичка миксета со звучници и 5 делови од употребувана машина за мешање и расфрлување малтер, откриени во два одвоени случаи, при контрола на еден автобус и еден автомобил, пријавени за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат.   

Во првиот случај, во картонска кутија сместена во багажникот на швајцарски автомобил, управуван од македонски државјанин, била пронајдена 1 музичка миксета со звучници. Непријавената миксета е привремено задржана, а против патникот ќе биде поведена прекршочна постапка.

Во вториот случај, во багажниот простор на македонски автобус, кој сообраќал на релација Терни, Италија – Кичево, помеѓу багажот на патниците биле пронајдени  мотор, миксер, компресор и црева со приклучни делови од употребувана машина за мешање и расфрлување малтер. Непријавените производи, сопственост на возачот, македонски државјанин, се привремено задржани, а против возачот е поведена прекршочна постапка.

Облека

- 388 парчиња облека (чорапи, кошули, блузи, фармерки и долна облека) и 24 пара женски папучи, откриени при контрола на македонски автомобил со кој за влез во државата, на граничниот премин Богородица, се пријавиле тројца македонски државјани. Непријавените производи, пронајдени во повеќе кеси сместени помеѓу седиштата и во багажникот на возилото, се привремено задржани, а против возачот кој се пријавил како сопственик на производите, е поднесено барање за поведување прекршочна постапка.

- 75 пара женски панталони, 23 женски ташни и 38 ремени за панталони, откриени при контрола на македонско товарно комбе управувано од македонски државјанин, пријавено за влез во државата на граничниот премин Деве Баир. Непријавените производи, пронајдени позади седиштата, под совозачкото седиште и во куфер сместен на совозачкото седиште, во кабината на возилото, се привремено задржани, а против возачот е поднесено барање за поведување прекршочна постапка.

- 50 маскирни ловечки јакни, откриени при контрола на македонски автомобил, со кој за влез во државата, на граничниот премин Табановце автопат, се пријавиле двајца македонски државјани. Непријавените јакни, пронајдени во два куфери, сместени во багажникот на возилото, се привремено задржани, а против сопатникот, кој се пријавил како сопственик на производите, е поведена прекршочна постапка.

Царинска управа на Република Македонија

___________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

 

 

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ