Заев: Да го вратиме правосудството од прегратките на отуѓената политичка моќ во прегратките на Јустиција, Божицата на правдата

Заев: Да го вратиме правосудството од прегратките на отуѓената политичка моќ во прегратките на Јустиција, Божицата на правдата

Скопје, 5 април 2018 (МИА)

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, денеска имаше свое обраќање на Свечената академија по повод Денот на правосудство во организација на Здружението на судии, кое ви го пренесуваме во целост:

Ми претставува чест што ми е укажана прилика да се обратам пред овој ценет аудиториум, по повод Денот на правосудството во Република Македонија.

Сакам веднаш на почетокот на ова мое обраќање да потенцирам дека Владата што ја предводам секогаш ќе биде на позицијата на поддршка на строгата поделба на трите столба на власта: законодавната, извршната и судската.

Истовремено, апсолутно сум застапник на концептот дека за почитување на интегритетот на судиите и за нивната самостојност и независност. Тие самите, низ својата пракса да ги препознаваат можностите за нивно усовршување, како и да ги препознаваат застранувањата и за нив да разговараат и да ги отстрануваат со помош на механизмите внатре во правосудниот систем.

Самостојни и независни, судиите се, истовремено, и јавното лице на правдата. Лицето на правдата, украсено со чесниот интегритет, е олицетворение на чуварите на правдата и правото, на чуварите на владеењето на правото.

Од вас судиите, граѓаните го очекуваат тоа, и го очекуваат со право, бидејќи вашите одлуки имаат сериозно влијание врз животот на граѓаните.

Бидејќи, кога судиите не ги исполнуваат високите стандарди на интегритет, независност и непристрасност, кои што се очекуваат од нив, довербата се разнишува и до израз доаѓа вознемиреноста на јавноста.

Тоа е така зашто корупцијата му нанесува сериозни штети на интегритетот. Ги поткопува самите темели на демократската држава регулирани со владеењето на правото. Како резултат на тоа, системот и институциите почнуваат да се распаѓаат и да ја губат и изгубат својата суштествена улога.

Република Македонија се соочи со една таква состојба и закана.

Правосудството беше оттргнато од прегратките на Јустиција, Божицата на правдата и беше фрлено во прегратките на отуѓената политичка моќ.

Штетите од оваа појава се длабоки.

Сепак, прогресивните сили во нашето општество, и здравите ткива во правосудниот систем, го запреа овој процес и застанаа на позицијата дека судството мора да биде ослободено од стегите на политиката, и дека неговата независност мора да биде признаена и загарантирана од сите гранки на власта.

Ова е моментот во кој се поврзуваат точките за моето обраќање до вас. Во хиерархијата на моите обврски како прв претставник на извршната власт, врвен приоритет е обезбедувањето услови за целосна рехабилитација на правосудниот систем, за да се обезбеди независноста и самостојноста на судиите и на другите функционери во правосудството.

Тоа е фундаментот на кој треба да се издигне и да дојде до израз интегритетот на судиите и на обвинителите. Интегритетот останува ваш личен влог, на секој од вас поединечно. Да биде дел и да биде вграден во новото лице на правосудството во Република Македонија.

Оттаму, реформите во правосудството се од суштинска важност, особено имајќи предвид дека овој сектор во Република Македонија беше предмет на остри критики од домашната и меѓународната јавност во изминатиот период. Владата на РМ е посветена на спроведување на суштински реформи во овој сектор со цел враќање на довербата на граѓаните во правосудниот систем, подобрување на пристапот до правда за сите граѓани како и целосно владеење на правото.

Унапредувањето на судскиот систем и неговото функционирање како самостоен и непристрасен дел од носечките столбови на државата, претставува клучна претпоставка за развитокот на Република Македонија како демократска правна држава и мултикултурно општество на еднакви во слободите и правата граѓани.

Ефективното, квалитетно и правично правораздавање, е средишен постулат на начелото на владеење на правото и на хуманиот и одржлив развој на македонското општество, како заедница заснована врз правото како една од највисоките општоцивилизациски вредности.

Имплементацијата на овие основни принципи е сложен процес и бара посветеност и истрајност за остварување на крајната цел кон која се стремиме: ефикасно, независно и самостојно судство.

Оваа 2018 година ќе биде година на најважните правосудни реформи откако Македонија е држава кандидатка за членство во ЕУ. Минатата година Владата ја усвои новата Стратегија за реформи на правосудниот сектор (2017-2022 година). Оваа Стратегија беше направена врз основа на темелни консултации со сите релевантни чинители и со целосна поддршка од ЕУ. Здружението на судии беше активно вклучено и даде вреден придонес.

Токму согласно оваа Стратегија, годинава се очекуваат темелни реформи на Судскиот совет, на начинот и критериумите за избор и разрешување на судиите, на работата на Академијата за судии и обвинители, и на сите други, еднакво важни сегменти на правосудниот систем.

Овие потфати ги очекуваат граѓаните од нас и затоа со сите сили треба да работиме на спроведување на кредибилни правосудни реформи со учество на сите стручни, општествени и политички фактори. За таа цел водиме активен дијалог со опозицијата во Собранието за постигнување на политички договор за законите од областа на правосудството и деновиве ќе се видат резултатите од тој дијалог во Собранието. Јас сум среќен што се гради политички консензус за ваква клучна реформа.

Исто така, за да овозможиме простор за дискусија и влијание на професионалната правосудна фела и стручната јавност, формиравме Советот за следење на имплементацијата на Стратегијата за реформи на правосудниот сектор кој започна да функционира и веќе имаше две седници.

Ја користам оваа прилика да ги повикам сите чинители, пред сè, правосудните институции, да ги надминеме нашите дневни разлики и да изградиме широк општествен консензус околу насоките и правецот за реформа на правосудството, бидејќи овие прашања засегаат во секојдневието на секој граѓанин.

Клучна улога во имплементација на Стратегијата има јакнењето на свеста кај сите одговорни фактори за потребата од реформи и од тоа зависи успешноста во функционирањето и развојот на правосудниот систем што е наша заедничка цел.

Со својата работа Здружението на судиите на Република Македонија, дава огромен придонес во враќањето на достоинството, како и на улогата на судиите и судската власт во Република Македонија. На Република Македонија и треба силна, независна и професионална судска власт која нема да потклекнува под каков било притисок од Владата, Собранието, политичките партии, или кој било друг центар на политичка или било каква друга моќ.

Нашата определба е законите и другите стратешки документи да ги изработиме перфектно. Но, најважно е луѓето во судската, извршната и законодавната власт да ги применуваат доследно и правилно во интерес на владеењето на правото и во интерес на граѓаните за чија јавна доверба сите институции постојано треба да се борат.

Владата на Република Македонија, сериозната заложба за спроведување реформи во правосудството, чија основна цел е враќање на довербата во институциите преку обезбедување правна сигурност и пристап до непристрасна и квалитетна правда за граѓаните, ќе ја преточи и во пракса.

Денес, повеќе од кога и да е, судската независност е суштинска гаранција за вредностите за кои се определи и што ги застапува Република Македонија. Тие се суштински дел и од европските вредности. Нивната целосната имплементација е гарант за ефикасно, демократско општество, во кое владее правото и во кое сите граѓани, без исклучок, се еднакви пред правдата.

Тоа е нашиот единствен пат. Нека е честит Денот на правосудството!

 

Прес-служба на Влада на Република Македонија

___________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ