Обраќање на премиерот Зоран Заев пред гласањето доверба на Владата

Скопје, 12 април 2018

Премиерот Заев на собраниската седница за доверба на владата: После11-годишното уништувачко цунами, 2018 е година на економски раст за Македонија, да се преобразиме заедно во генерација што ги остварува стратешките интереси на граѓаните

Пратениците во Собранието на Република Македонија на вчерашната седница посветена на прашањето за доверба на Владата на Република Македонија, со 62 гласа ѝ изгласаа доверба на владата за нејзината работа. Против изгласувањето доверба гласаа 40 пратеници, а двајца беа воздржани.

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, во своето обраќање пред пратениците по исцрпувањето на пратеничките настапи и реплики, истакна дека како и во неговото инаугуративно премиерско обраќање во македонскиот парламент пред 10 месеци, така и сега ја повикува опозицијата со активно учество да се вгради во обновата на Република Македонија и да го даде својот придонес и идеи за имплементација на реформите.

„Наследивме тотален колапс, блокирани институции, политика поткрепена со регресивни закони кои создадоа услови и амбиент претходната власт да се чувствува непроменлива. Од таквото владеење граѓаните и денеска, како и власта и опозицијата, се соочуваме со последици и закани во системот на институциите“, рече премиерот Заев.

Премиерот Заев како пример наведе дека за договори за Скопје 2014 е наследен долг од 280 милиони евра и дека 280 милиони евра се околу 70 отсто од вкупните пари во буџетот предвидени за капитални инвестиции за оваа година.

„Ако на ова се додадат уште 383 милиони денари за долгови за тениски игралишта и други промашени проекти на минатата влада, станува јасно кој предизвика цунами од задолжувања во нашата држава“, истакна премиерот Заев.

Тој нагласи дека за да се создадат услови за темелна промена и за отстранување на последиците од разрушениот систем е неопходна вклученост на сите одговорни политички фактори и време, дека системот мора да се регенерира од внатре во самите институции, и дека тоа мораме сами да го направиме.

„Затоа апелирав на одговорно на однесување и инклузивност, на конструктивен придонес за да ги спроведеме реформите, да направиме од Република Македонија современа, европска држава и општество достојно за живот на сите граѓани, без исклучок, и конечно да ги оствариме нашите стратешки цели – членство во НАТО и ЕУ. Да не запаметат како генерација која ги оствари стратешките интереси на државата и на граѓаните“, истакна Претседателот на Владата на РМ Зоран Заев.

На обвинувањата на опозицијата дека итните реформски приоритети, односно Планот 369 доживеал колапс, премиерот Заев укажа на фактот дека Планот 3-6-9, со гласањето на последните закони во Собранието, ќе биде целосно исполнет.

„Нема подобра потврда на успехот на Планот 369 од она што го најави Европската Комисија во својата Стратегија за проширување со земјите од Западен Балкан: Најавена е чиста препорака за Македонија за отпочнување преговори и согласно успехот во затворањето на политичките прашања, вклучително и прашањето за името со Грција, Македонија може да очекува одлука за започнување преговори“, нагласи премиерот Заев.

Оваа 2018 година ќе биде година на најважните правосудни реформи откако Македонија е држава кандидатка за членство во ЕУ, рече премиерот Заев, и додаде дека е од исклучителна важност што е обезбеден активен дијалог со опозицијата во Собранието за постигнување политички договор за законите од правосудството.

Премиерот Заев рече дека било јасно дека успехот на реформите нема да биде возможен ако не обезбедиме транспарентна и инклузивна дебата и соодветно спроведени консултации. Затоа во секоја област од Планот 369, за итните реформски мерки што требаше да се креираат, владата формираше работни групи, консултативни совети од претставници од релевантните институции, опозицијата и стручната јавност за да обезбедиме пристап на сите, непосредно засегнати страни, за да се овозможи секоја добра идеа да си го најде своето место.

„Создадовме концепт Отворена влада како еден од предусловите за успех на реформскиот процес што го отворивме во Република Македонија и вклучивме пакет активности кои недвосмислено се насочени кон транспарентност, отчетност и одговорност и ја одразуваат заложбата за целосно имплементирање на концептот отворена влада“, посочи премиерот.

Претседателот на Владата на РМ Заев потсети дека оваа влада го укина владиното рекламирање, организира редовни неделни владини прес конференции, редовно ги објавува дневните редови и записници од владините седници, ги објавува и ги ажурира документите од јавен интерес од страна на министерствата и другите институции

„Порано, граѓаните бараа, власта криеше. Сега власта самоиницијативно ги отвори, сами ги отворивме трошоците.  Во првите неколку месеци на 2014 година, поранешниот премиер Груевски потрошил 5,2 милиони денари, а Зоран Заев за истиот период потрошил 2,9 милиони денари. Тоа е голема разлика. Министрите сите, во 2014 година потрошиле 45 милиони денари. Сите други министри, во 2017 година од оваа Влада потрошиле 21 900 000 денари. Голема разлика, речиси два и пол пати помалку“, истакна премиерот Заев.

Тој нагласи дека домаќинското и одговорно работење ќе обезбеди повеќе пари за граѓаните, проширување на позитивната листа на лекови, ќе ги награди со повисоки награди дежурствата во здравството, ќе обезбеди пари за да се зголемат субвенциите во земјоделството.

„Трезорот наскоро се отвора за јавноста - Граѓаните наскоро ќе можат да гледаат како се троши секој денар од своите компјутери. Ова е само врв на транспарентно и одговорно работење со парите на граѓаните! Од јуни 2017 година до денеска, Министерството за финансии направи 12 клучни промени за подобрување на транспарентноста со кои се објавени податоци што досега не беа достапни за јавноста“, укажа премиерот Заев.

Претседателот на Владата на РМ Заев информираше дека показателите за реализацијата на буџетот во 2017 година, особено оние во втората половина на годината после ребалансот, најавија дека 2018 година, ќе биде година на Македонија.

„Да издвоиме дека крајот на годината покажа најголема стапка на реализација на капиталните инвестиции. Вкупната реализација на овие инвестиции во 2017 година изнесува 83,6 проценти од проектираното. Ова претставува најголема реализација на капиталните инвестиции од 2013 година. 2018 година, како година на прогрес, година на економски инвестиции, година на севкупен економски раст и развој на Република Македонија. Очекуваме отворање на многу работни места, очекуваме зголемување на БДП-то. Тоа ќе го почувствуваат и граѓаните“, истакна премиерот и додаде дека најголемата ставка во расходната страна на Буџетот за 2018 година е за Социјалната заштита и за децата. Тоа е ставката која ги опфаќа и мерките за намалување на сиромаштијата, како наша стратешка цел.

„Треба да знаете дека Повратот на ДДВ во првите два месеца годинава е за дури 56% повисок од истиот период во 2017 година, односно за двата месеца во стопанството се вратени 1,4 милијарди денари повеќе“, истакна Претседателот на Владата на РМ Заев.

Премиерот Заев посочи дека со цел интензивирање на економскиот развој како еден од главните приоритети, и за креирање нови работни места, Буџетот за оваа година содржи сериозни ставки за поддршка на Планот за економски раст, а еднаков важен стратешки приоритет на Владата е и унапредувањето на животната средина, како и инвестициите во образованието во делот на подобрување на соодветните просторни услови во училиштата, ученичките и студентските домови за реализација на воспитно – образовниот процес.

„Со буџетска поддршка учествуваме во зајакнување на општините. Обезбедивме постабилно финансирање на децентрализираните дејности за непречено извршување на надлежностите на Единиците на Локалната Самоуправа, со околу 100 милиони евра наменети за рамномерен регионален развој“ нагласи премиерот.

На забелешките на опозицијата за новите задолжувања, премиерот Заев истакна дека еврообврзницата од почетокот на годината е со историски убедливо најниска каматна стапка постигната за било која од македонските еврообврзници од 2,75%.

„Тоа дојде како одраз на исклучително високата доверба кај меѓународните инвеститори за перспективите на македонската економија, како и поволните услови на меѓународните пазари на капитал. За споредба, каматните стапки на претходно издадените пет еврообврзници се движат меѓу 3,975% и 9,875%. Паралелно со издавањето на евро-обврзницата, Македонија за прв пат изврши и делумен предвремен откуп на постоечка евро-обврзница. Поточно, извршен е предвремен откуп на една третина од еврообврзницата од 270 милиони евра издадена во 2015 година која достасува во декември 2020 и чија што каматна стапка на издавање од 4,875% е значително повисока од каматна стапка на новоиздадената еврообврзница од 2,75%“ нагласи премиерот Заев.

Претседателот на Владата на РМ Заев потенцираше дека наместо некогашните политики на уништувачко економско цунами кое го плаќаа граѓаните на Македонија, оваа, 2018 година, е година на финансиска стабилизација на земјата и за развој на економијата, како важни предуслови за подобрување на квалитетот на живот за сите граѓани.

„За таа цел, со Буџетот за 2018 година определивме 3.1 милијарда денари, односно околу 50 милиони евра, за програмата за економски развој на земјата. Тоа претставува 46% повеќе средствата за таа намена во однос на 2017 година. Дополнително, уште една милијарда денари се определени за активните мерки за вработување. Со мерките за поддршка и развој на бизнисот и поттикнување на конкурентноста утврдени во Планот за економски раст планираме да ја раздвижиме економската инвестициона активност“ рече премиерот Заев на собраниската седница на која се гласаше за доверба на владата.

Премиерот Заев укажа дека со новите економски мерки се воспоставени еднакви услови за инвестирање за домашните и странските инвеститори, кои ќе важат еднакво и во ТИР зоните и надвор од нив.

„Резултатите ве плашат вас! Еве зошто: За сите 11 години од владеењето на претходната власт, и потрошените пари од 225 до 250 милиони евра за реклами за медиуми, за промотори, за роуд шоуа, дојдоа 23 странски инвеститори. И тоа е добро.  Но, ние, за 10 месеци, без ниту еден денар за реклами или за роуд шоуа, потпишавме договори со 10 големи компании странски инвеститори. Пред потпишување сме на уште нови 8, од кои што 3 се домашни компании бидејќи поддршката за инвестиции сега важи подеднакво и за домашните компании. До крајот ќе имаме повеќе странски директни инвестиции од сите години до сега“, рече премиерот Заев.

Тој соопшти дека владата преговара со близу 200 компании и дека за оваа клима придонесоа новите политики што ги градиме за пријателство со земјите во регионот, за релаксирање на односите и за создавање клима за соработка како добра основа за бизнис иницијативи.

„Со Законот за минимална плата за прв пат се изедначи минималната плата и за работниците во текстилната и кожарската индустрија со други гранки. Со тоа постигнавме зголемување на просечната плата во производство на облека за 16%, а во текстилната индустрија за 24%, односно за 3.870 денари. Тоа покажува дека законот си ја заврши својата работа затоа што, 90 илјади граѓани добија покачување и земаат над 12 илјади денари плата. Со тоа добивме и покачување на просечната плата во Република Македонија за 5,6%. Тоа се првите чекори кои добиваат забрзување за да го оствариме нашето ветување од 30 илјади денари како просечна плата со проценка дека со ваквиот раст тоа може да се направи и до крајот на 2019 година. Со враќањето на евтината тарифа на струјата за сите и со заштедата од 11,4 милиони евра за граѓаните, ние имаме показатели дека се движиме во вистинската насока. Дополнителна заштеда за граѓаните во висина од 12,4 милиони евра обезбедивме со укинувањето на радиодифузната такса“, поентираше премиерот Заев.

Во однос на капиталните инвестиции премиерот информираше дека се издвоени 1,43 милијарди денари повеќе од износот утврден со ребалансот во 2017 година.

„Работиме на унапредување на инфраструктурата: патна, железничка и енергетска. Нема да дозволиме катастрофални импровизации. Заради недомаќинско и штетно работење граѓаните на Република Македонија добија незавршени, катастрофално планирани и реализирани патни проекти што од буџетот на граѓаните ќе исцеди нови, дополнителни милиони евра. За фрапантното лошо планирање и изведба само на автопатот Кичево-Охрид, граѓаните ќе платат дополнителни 100 милиони евра. За ова е одговорна владата на ВМРО-ДПМНЕ, никој друг. Но, направените штети нема да не одвратат од нашата намера да ги завршиме започнатите, и да отпочнеме нов циклус инвестиции во патната инфраструктура“, рече премиерот Заев, и потсети дека на иницијатива на владата започна изградбата, реконструкцијата и рехабилитацијата на патната инфраструктура во должина од 800 километри и со вредност од 270 милиони евра.

„Ја интензивиравме изградбата на пругата кон Бугарија, на делницата Куманово- Бељаковце со обезбедени 70 милиони евра грант од ЕУ и со дополнителни 60 милиони евра од  Оперативната програма 2014-2017 од ЕУ за изградба на пругата кон Бугарија, на делницата Крива Паланка-Деве Баир, и влегуваме во завршницата на проектот Енергетски независна Македонија“, нагласи премиерот Заев и информираше дека системот хидроцентрали Чебрен и Галиште ќе го градиме сами со домашно финансирање и со домашни компании и дека е заокружен проект во вредност од 50 милиони евра за фотоволтаици вклучително и изградбата на нови ветерници од 36 мегавати, и уште два такви комплекса од ветерници што ќе ги гради ЕЛЕМ“, истакна премиерот.

Претседателот на Владата на РМ информираше дека најголем дел од буџетот на Министерството за земјоделство, водостопанство и шумарство е издвоен за Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, односно 8,6 милијарди денари за директната финансиска поддршка во земјоделството и за рурален развој. Со тоа го унапредуваме и зголемуваме земјоделското производство и овозможуваме навремена и неселективна исплата на субвенциите, тогаш кога на земјоделците им се најпотребни.

„Преку Програмата за рурален развој, инвестираме над 1,8 милијарди денари во создавање производи со висока додадена вредност, модернизирање на агро-секторот и развој на руралните средини. И ова е потврда дека парите ги враќаме кај граѓаните. Постигната е највисока просечна откупна цена на тутунот од 217 денари по килограм, при што обезбедивме највисоки субвенции до сега од 80 денари за прва класа, 70 за втора и 60 денари за трета и за дополнителните класи. Лозарите се задоволни од било кога повеќе. Земјоделството го правиме атрактивно и за младите. 424 одобрени грантови од по 10.000 евра за мерката за поддршка на млади земјоделци“, рече премиерот.

Тој потенцираше дека со сите мерки што само во овие 10 месеци се спроведуваат, се ослободуваат финансиски средства од непродуктивни трошоци и со тоа се создаваат услови за зголемување на висината на социјалната помош.

„Анализите велат, доколку продолжиме со овие трендови на домаќинско работење, во комбинација со економскиот раст, на 1 јануари 2019 година ќе се создадат услови просечната социјална помош од 4200 денари, да ја достигне висината од 11 илјади и петстотини денари“, рече премиерот Заев.

Претседателот на Владата рече дека оваа влада се договори дека ќе гради иднина и општество еднакво за сите. Затоа, како дел од реформите, е и јазичната политика во согласност со потребите и интересите на граѓаните, различните етнички заедници и целата држава. Во таа насока е предложен и усвоен Законот за употреба на јазиците, со кои ќе се прошири употребата на службениот јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните, согласно Уставот и

Амандманот V.

„Законот ги зголеми можностите на граѓаните да комуницираат со државните институции на својот мајчин јазик и со тоа полесно и поефикасно да ги остварат своите уставни права. Воедно, законот целосно ќе ја гарантира и соодветната употреба на македонскиот јазик, но и на другите јазици кои се во службена употреба во одредени единици на локална самоуправа“, рече премиерот Заев.

Тој потенцираше дека вредностите на оваа влада и на нашата Македонија се европски вредности, и како такви ги препознаа и нашите пријатели од нашите стратешки сојузи НАТО и ЕУ, но и нашите пријатели од соседството и регионот, и дека со новата Стратегија за проширување, Европската комисија ја потврди европската иднина на Република Македонија како дел од политичката структура на Европската Унија.

„Заедно со министрите за надворешни работи на двете земји, и со премиерот Ципрас работиме посветено на затворање на проблемот што Грција го има со нашето уставно име, долгогодишен и мачен проблем чие решавање ќе го отвори патот за интеграција на Македонија во Европската Унија и НАТО, а тоа за нашите граѓани ќе значи и обезбедување нови инвестиции, нови работни места, повисоки плати и подобар живот за граѓаните.

Инсистираме на решение кое ќе овозможи трајно и одржливо

затворање на спорот со почитување на достоинството и идентитетот на двата народи и двете држави. За време на целиот процес редовно ги информираме граѓаните, лидерите на политичките партии, Претседателот“, истакна премиерот Заев.

Премиерот Заев, во завршницата на своето обраќање пред пратениците на седницата на која се гласаше за доверба на владата, повика уште еднаш на одговорно однесување, и да се обезбеди инклузивност и конструктивен придонес за спроведување на реформите, и да ја направиме од Република Македонија современа, европска држава и општество достојно за живот на сите граѓани, без исклучок, и конечно да ги оствариме нашите стратешки цели – членство во НАТО и ЕУ. 

„Да не запаметат како генерација која ги оствари стратешките интереси на граѓаните и на Република Македонија“, истакна премиерот Заев.

 

Прес-служба на Влада на Република Македонија

___________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Мозаик

„Хет трик“: Фудбалер за само шест недели доби деца од три жени

Напаѓачот на англискиот фудбалски клуб Стоук Сити,...

Доделена „Алтернативната Нобелова награда"

Наградата „Правилно живеење", позната и како „Алте...

Тревога во Бакингемската палата поради приврзок за клучеви

Мажот кој вчера беше уапсен кај Бакингемската пала...

Многу мажи по сексот чувствуваат емотивна празнина

Дури 40 отсто од мажите по сексот чувствуваат емот...

НАСА откри две нови планети

Само пет месеци по поставувањето во земјината орби...