Демант од Град Скопје за субвенциите за граѓаните за набавка на велосипеди

Скопје, 12 април 2018 

Градот Скопје ги демантира наводите изнесени во денешното соопштение на ВМРО-ДПМНЕ, каде истите тврдат дека се намалуваат субвенциите за граѓаните за набавка на велосипеди.

Сакаме да ја информираме јавноста дека сумата која Град Скопје ја предвидува за субвенционирање на граѓаните за набавка на велосипеди оваа година е иста како и минатата 2017 година, поточно таа изнесува 10 милиони денари. Овој факт говори дека не станува збор за никакво намалување на субвенциите или пак за некакво намалување на средствата предвидени за оваа активност, туку станува збор за нови начини на нивна прераспределба.

Новитет е што оваа година највисоката сума со која Град Скопје ќе учествува во набавката на велосипеди е намалена на 3.000 денари, со цел на зголемување на бројот на граѓани кои ќе имаат можност да ја искористат оваа погодност и да набават велосипед. Со ова, Градот Скопје сака да стимулира што е можно поголем број на граѓани да набават и користат велосипеди, наспроти помал број на граѓани да набават поскапи велосипеди.

Дополнително, во овогодинешниот јавен повик ќе бидат предвидени и 1 милион денари за субвенции за набавка на рачни велосипеди (велосипед на рачен погон), како и рачни велосипеди со електрични помагала за лица со посебни потреби. Градот Скопје ќе субвенционира. Оваа категорија на лица за првпат е опфатена со ваков повик и на истите за првпат ќе им се овозможи помош за набавка на овие специјални велосипеди, во висина од 50% од вредноста, но не повеќе од 90.000 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход.

Од предвидените 10 милиони денари, 9 милиони денари ќе бидат издвоени за субвенции за набавка на велосипеди, додека 1 милион денари ќе бидат издвоени за субвенции за набавка на рачни велосипеди или рачни велосипеди со електрично помагало за лица со посебни потреби.

Субвенциите за набавка на велосипеди е една од мерките на Градот Скопје за промоција на велосипедот како рекреативно и превозно средство, чие користење има многу придобивки: истото е финансиски достапно, економски исплатливо и еколошко превозно средство, придонесува за намалување на сообраќајниот метеж, како и за намалување на загаденоста на амбиентниот воздух.

Град Скопје

___________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

 

###

 

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.