• A-
  • A
  • A+
сабота, 22 септември 2018, 

Лекарската комора го осуди нападот на докторот во Општа болница Кочани

Лекарската комора го осуди нападот на докторот во Општа болница Кочани

17 април 2018

Лекарската комора на Македонија најостро го осудува вчерашниот инцидент во Општа болница - Кочани и бара целосно расветлување на случајот и адекватно санкционирање на напаѓачот на доктор на  неговото работно место  во моментот кога тој посветен на својата професија се грижи за пациентите.

Со оглед на зачестеноста на појавите на вербални и физички напади на докторите на нивните работни места, Комората апелира здравствените власти и раководителите на здравствените установи да преземат дополнителни мерки и активности, посебно за дежурните служби и во ноќните часови, со кои на докторите ќе им се обезбеди соодветна заштита и услови за нормална работа.

Комората смета дека насилството над докторите не смее да се толерира, а во таа насока минатата година започна кампањата " Стоп за насилството во здравството" која се реализира како заедничка активност на коморите од областа на здравството, Здружението на медицински сестри, техничари и акушерки на Република Македонија и Министерството за здравство.

Комората смета дека плановите за спречување на насилството врз докторите на медицина и стоматологија, фармацевтите, медицинските сестри, техничари, акушерки и другите здравствени работници мора да се изработуваат на национално ниво, но и во здравствени установи, додека инцидентите на насилство мора да бидат документирани преку систем кој ќе биде обезбеден од страна на владата и здравствените установи.

Заложбата на Комората е за јасна и транспарентна акција која нема никаква толеранција за насилство насочено против лицата кои даваат здравствени услуги, а тоа, мора да се воведе на сите нивоа во секторот на здравствена заштита и јавно да се поддржува.

Лекарска комора на Република Македонија

___________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ