Средба Заев Могерини: Честитки за сработеното и чистата препорака и најава дека е можен датум за почеток на преговорите со ЕУ

Скопје, 18 ааприл 2018

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, придружуван од заменик претседателката и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, заменикот на претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, министерот за надворешни работи, Никола Димитров и државниот секретар во МНР, Виктор Димовски, денеска попладне се сретна со високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ и заменик претседателка на ЕК, Федерика Могерини, придужувана од амбасадорот на ЕУ во Република Македонија, Самуел Жбогар.

Високата претставничка на ЕУ, Могерини, на средбата рече дека главната порака што ја носи се честитки, до премиерот Заев лично, до Владата, до опозицијата, до Парламентот и до граѓаните, за добиената чиста препораката за почеток на преговори на Македонија за членство во ЕУ.

Тоа, како што рече високата претставничка Могерини, е резултат на добро завршената работа во надминувањето на политичката криза, постигнатото во реформскиот процес, конструктивните политики со сите политички чинители и со опозицијата, добрососедските односи, како и дека сите тие процеси треба да продолжат низ имплементација на реформите и натамошно обединување на сите, околу националните и стратешките цели на државата.

Во изјавата за медиумите, високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Могерини, соопшти оценка од ЕУ дека Република Македонија е вратена на патеката на Европската унија, за разлика од пред една година, дека е поминат голем пат, дека чистата препорака е резултат на заеднички сработеното и дека власта и опозицијата треба да ги задржат силите да работат заедно во натамошните чекори.

Владата, како што рече високата претставничка Могерини, ја има одговорноста да ги отвори вратите за опозицијата, но опозицијата има одговорност да учествува во процесите. Тоа е пристап, како што рече високата претставничка на ЕУ, Могерини, којшто дава резултати и крајна цел е подобрување на квалитетот на живот на граѓаните, а дека членството во ЕУ тоа го носи со себе.

Претставничката на ЕУ, Могерини побара задржување и спроведување на реформите на транспарентен и одлучен начин.

Во врска со добрососедските политики, високата претставничка за надворешна и безбедносна политика, Могерини, оцени дека се направени импресивни чекори во регионалната динамика и билатералните односи.

Претставничката на ЕУ, Могерини дополни дека Република Македонија развива добрососедски односи и придонесува во соработката на регионален план, како и дека до следниот Самит во Софија во мај, се надева на решенија за билатералните прашања.

Во врска со разговорите со Грција, претставничката на ЕУ, Могерини, соопшти дека го поддржуваат и поттикнуваат процесот и оцени дека заеднички прифатливо решение може да биде постигнато. Таа изрази надеж дека во решавањето на прашањето ќе учествува и опозицијата.

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, на прес конференцијата, се заблагодари за реално вреднуваните резултати што ги постигна Република Македонија во изминатите 10 месеци, од страна на ЕУ.

„Твојата лична заложба, како и на еврокомесарот Хан, и на претседателот на Европската комисија, Јункер, и на сите земји членки на Европската унија, искрени пријатели на Македонија, да им се помогне на граѓаните на Република Македонија во нивната определба да живеат во слободна, демократска и европска држава – се од големо значење за иднината на нашите граѓани и нашата држава.

Затоа, како претседател на Владата, во име на граѓаните на Република Македонија изразувам голема и безрезервна благодарност. Затоа што го слушнавте гласот на мнозинството граѓани и ги поддржавте демократските процеси во нашата држава на принципиелно ниво.

Затоа што жне притискавте како политички раководства, за квалитетен и инклузивен реформски процес, а низ овој европски начин на водење на политиките, ние успеавме, за само 10 месеци, да направиме голем исчекор напред во евроинтеграциите и што е уште поважно, тие врати остануваат отворени

Затоа што ја препознавте позитивната енергија со којашто влеговме искрено во реформскиот процес низ Планот 3-6-9 - како што забележавте, има позитивна промена во политичкиот менталитет, што се забележува во целото општество

Ги вреднувате конструктивните политики на Владата на дијалог и соработка, на политичките чинители во државата и на опозицијата, вклученоста на граѓанскиот сектор, во носењето на реформите во правосудството, разузнавачките служби, администрацијата, медиумите, изборното законодавство. Тоа се клучните области во коишто имаше ургентна потреба од реформи, нотирани во договорите од Пржино, во извештаите на Прибе, ланскиот извештај на Европската комисија

Ги вреднувате и поддржувате искрените политики на пријателство и добрососедство низ коишто го затворивме билатералното прашање со Република Бугарија и сме на добар пат да го затвориме и билатералното прашање со Република Грција, доколку сите вклучени во процесот опстојат на востановениот пристап за достоинствено решение за двете страни

ЕУ, со овогодишениот Извештај за напредокот на Македонија, ја даде заслужената чиста препорака за почеток на преговорите со ЕУ, а којашто неколку години наназад беше условена поради длабоката политичка криза, назадувањето со реформите и констатацијата за „заробена држава“, со обезбедување демократски амбиент и демократски реформи, согласно очекувањата на граѓаните, согласно договореното во Пржино и согласно препораките на групата на Прибе“, рече премиерот Заев.

Претседателот на Владата, Заев, испрати порака до граѓаните и до претставниците на ЕУ.

Премиерот Заев ги повика високата претставничка за надворешна и безбедносна политика, Могерини и сите други високи претставници на Унијата и политички раководства на земјите членки:
„Останете фокусирани на Република Македонија. Еенергично сме посветени на спроведувањето одржливи реформи и по планот 3-6-9, веќе од денеска ги ставивме на маса подготовките за динамиката на реформскиот процес до крајот на 2018 година.

Ќе ги оправдаме очекувањата, ќе дадеме нови причини за поддршка, граѓаните на Република Македонија заслужуваат да бидат дел од Европа, нека стане реалност очекувањето за добивање датум за почеток на преговорите на Македонија со ЕУ, на советот на министри во јуни.

Интеграциите на Република Македонија во ЕУ и НАТО за нашите граѓани значат економски развој, нови работни места, поголеми плати, повисок животен стандарад, мотивирани млади луѓе и интелектуална и работна сила којашто ќе остане да живее и работи во Република Македонија.

Интеграциите на Република Македонија и на целиот регион во ЕУ и во НАТО мислам дека за сите е веќе јасно и дека е стратешки интерес од широки рамки, за зачувување на демократските вредности, стабилноста и безбедноста во светски рамки, нешто што ги засега сите граѓани, каде и да живеат, а не само граѓаните од Западен Балкан.

Граѓаните на Република Македонија, со одлучноста за промени во државата ја испратија пораката дека се подготвени да придонесат кон светла иднина за својата земја, но и да бидат предводници на позитивните промени во регионот во светот“, соопшти премиерот Заев.

Претседателот на Владата, Заев побара од граѓаните:

„Да останеме и сите ние фокусирани кон стратешките цели и да обезбедиме европски и атлантски интеграции на Република Македонија и квалитетен живот за сите нас. Владата е подготвена да предводи но и тесно да соработува со сите вас на тој пат“.

На прес конференцијата прашана за очекувањата дали е можно Република Македонија да добие датум за почеток на преговорите со ЕУ, по ставови искажани од Грција, како што беше речено во прашањето, дека нема време за решение на спорот до Самитот во јуни, високата претставничка за надворешна и безбедносна политика Могерини рече дека не сака да шпекулира како ќе одлучат 28 земји членки на ЕУ за два ипол месеци, но дека време има и треба да се искористи позитивно и храбро, како што е направено тоа во последните десет месеци, кога се направени чекори што биле незамисливи.

Таа додаде дека е оптимист, дека времето може да се искористи како што било искористено и од страна на Македонија и од страна на Грција за разговори и преговори досега и дека се надева дека резултатот е возможен.

Високата претставничка, Могерини изрази мислење дека Европскиот совет може дефинитивно да донесе позитивна одлука, затоа што во спротивно ЕК не би дала препорака, ако сметале дека тоа не е така.

Премиерот Заев оцени дека на Советот на министри во јуни е можно Република Македонија да добие датум за почеток на преговорите со ЕУ.

„Јас сум убеден дека ќе добиеме датум за преговори заради тоа што, тоа што досега го имаме постигнато со Грција, навистина и го гарантира тоа. Ќе бидеме сите среќни, ако најдеме решение, а верувам дека тоа е можно. Еве видовте дека имам причина да бидам оптимист и Федерика е оптимист заедно со мене, заради тоа што верувам дека оптимизмот навистина помага во изнаоѓање решенија од секаков вид, па дури и на вака чувствителни решенија.

Знам дека изјавата беше поврзана со НАТО, но да не заборавиме дека ние имаме право на автоматска покана од НАТО. Значи, не сме врзани со јулскиот Самит за НАТО, секако, но дури и тоа да не ни биде причина, треба да го најдеме решението, ако успееме во месец мај да изнајдеме решение, ќе видите дека има време за жсе, заради тоа што се работи за легални или правни аспекти на решавања, кои што се решливи, само да имаме решение.

Јас сум убеден дека сега е вистинското време и верувам дека, ниту во минатото, ниту во иднината веројатно и нема да постои подобро време за да изнајдеме решение, достоинствено за двете страни, кое што ќе го штити идентитетот и секако како што вели министерот Коѕијас, самоопределувањето и самочувството на двете страни“.

Во одговорот на прашањето што очекува од вечерата со премиерите од Западен Балкан вечерва, високата претставничка за надворешна и безбедносна политика, Могерини, ја поздрави иницијативата на премиерот Зоран Заев да биде домаќин и соопшти дека е многу важна регионалната соработка којашто гради доверба и отвора конструктивни канали за решавање на меѓусебните прашања.

Таа дополни дека средбите се редовни, дека вечерашната доаѓа по таа пред еден месец во Софија, заедно со претседателот на ЕК, Јункер и дека мисли дека е добро да се има такви редовни средби со лидерите на Западен Балкан со неа и со останатите колеги од европските институции, за да се гради партнерска доверба што помага за добра соработка.

Исто така, додаде високата претставничка, Могерини, вечерата е добра прилика и за средба за сите премиери, за подготовка за средбата за Самитот во Софија што ќе биде за еден месец.

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, на средбата на делегациите ја увери високата претставничка за надворешна и безбедносна политика, Могерини, дека Владата ќе продолжи да работи на имплементацијата на реформите низ сите инклузивни и пријателски политики што досега дадоа резултати и дека чистата препорака ќе биде искористена како мотив да биде сработено според очекувањата, за Република Македонија да може да добие од Советот на министри во јуни датум за почеток на преговорите со ЕУ.

Влада на Република Македонија

___________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ