• A-
  • A
  • A+
петок, 21 септември 2018, 

Кабинет на Анѓушев: „Фени“ работи успешно, потребна е дискусија базирана на факти

Кабинет на Анѓушев: „Фени“ работи успешно, потребна е дискусија базирана на факти

Скопје, 27 април 2018 

Кабинетот на заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања и координација со економските ресори, во однос на објавите во медиумите, поврзани со комбинатот Фени Индустри, чувствува потреба да ја информира јавноста со цел добивање на реална слика на моменталната состојба во комбинатот.

Од информациите со кои располагаме, стечајната постапка во врска со оваа компанија е во завршна фаза, а резултат на досегашната постапка е дека над 700 работници редовно одат на работа и добиваат плата. Станува збор за постапка, во согласност со Законот за стечај која што ја водат надлежните органи. Владата, во овој случај внимателно ги следи состојбите, во согласност со своите законски ингеренции, поради тоa што Фени Индустри, како еден од најголемите работодавачи во регионот и еден од најголемите метало преработувачки капацитети во државата е од особена важност за локалниот, како и за целокупниот економски развој на Република Македонија.

Во однос на објавите во медиумите поврзани со изјавата на Слаѓана Тасева, претседател на „Транспаренси Интернешнл Македонија“ посочуваме дека вицепремирот Анѓушев немаше намера и нема да води негативна комункација. Напротив, вицепремиерот ја искажува подготвеноста да ги презентира аргументите и фактите, со кои располага Владата и кои се во нејзина надлежност, за начинот на кој се овозможи Фени повторно да работи успешно и поради тоа ја повикува г-ѓа Тасева на работен состанок и аргументирана дискусија.

Вицепремиерот Анѓушев, водејќи се од јавниот интерес во повеќе наврати повика на темелна истрага од страна на невладините организација што работат токму на овие теми. Особено е важно јавноста да биде информирана и за причините поради кои Фени е доведен во стечај, заради кој се доведе во прашање егзистенцијата на компанијата и на над 700 семејства. Во рамките на своите законски ингеренции и овластувања соодветните државни органи веќе поведоа постапки кон одговорните за оваа ситуација, а помошта на невладините организации е повеќе од добредојдена.

Во име на транспарентноста укажуваме дека е потребно да се слушнат сите страни и да се провери веродостојноста на сите информации пред да се споделат во јавноста. Ги замолуваме сите страни вклучени во процесот, вклучително и „Транспаренси Интернешнл Македонија“, како сериозна и реномирана невладина организација пред да дава јавни квалификации, да ги земе во предвид сите страни во процесот и да ја согледа целосната ситуација.

Јавноста, вработените, менаџерите, транспортерите и другите заинтересирани страни се сведок дека компанијата Фени работи успешно, придонесува во македонската економија и овозможува над 700 семејства да живеат.

Кабинет на Заменикот на Претседателот на Владата на Република Македонија, задолжен за економски прашања, д-р Кочо Анѓушев

Влада на Република Македонија

___________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ