МВР:Постапено согласно прописите во случајот со колумбиската државјанка

Скопје, 29 април 2018

Министерството за внатрешни работи ги демантира пишувањата на неколку веб портали за наводни неправилности околу одбивањето на влез во Република Македонија на колумбиската државјанка Н.О.П.

На 27 април 2018 година на ГП Аеродром Скопје на влез во Република Македонија од Цирих допатувало лицето Н.О.П. (31), со патна исправа од Колумбија. По извршената пасошка контрола, констатирано е дека Н.О.П. не поседува валидна виза за влез во Република Македонија и на ова лице му е одбиен влез во Република Македонија. Службениците на граничната полиција постапувале согласно законските прописи и ничии права не се повредени ниту пак некој е насилно качен во авион.

Виза за влез во Република Македонија не им е потребна на: државјаните на земјите членки на ЕУ и потписнички на Шенгенскиот договор; на државјани на трети земји со постојан престој во земја членка на ЕУ или потписничка на Шенгенскиот договор;  или на државјани на трети земји со важечка повеќекратна Шенген Ц виза со рок на важност подолг од најмалку пет дена од планираниот престој во Република Македонија; како и на државјани на трети земји со важечка британска, канадска или американска виза со рок на важност подолг од пет дена од планираниот престој во Република Македонија.

Н.О.П. имала колумбиски пасош со привремен престој во Швајцарија, што не ја ослободува од обврската за поседување виза за влез во Република Македонија.

Министерство за внатрешни работи

_________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

 

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ