Средба на претседателот на Собранието Џафери со српската колешка Гојковиќ

Средба на претседателот на Собранието Џафери со српската колешка Гојковиќ

Скопје, 23 мај 2018

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери, својата дводневна официјална посета во Република Србија ја започна со средбата со неговиот домаќин, г-ѓа Маја Гојковиќ, претседателка на Народното Собрание на Република Србија. Во состав на делегацијата беа исто така присутни и членовите на Групата за соработка со Собранието на Република Србија: г. Иван Стоиљковиќ, претседател на групата; г. Илија Николовски, член на групата и г-ѓа Мирсада Емини Асани, исто така член на групата за соработка.

На почетокот на средбата, госпоѓа Гојковиќ, изрази задоволство од остварувањето на средбата која е всушност возвратна посета која следи по нејзината посета на Република Македонија во 2015 година. Со оваа посета се продолжуваат контактите на високо парламентарно ниво, нешто што е заедничка констатација на двајцата претседатели, односно, потребата од интензивирање на контактите на ниво на пратенички групи за соработка и работни тела на Собранијата. Тоа е добар начин да се споделат искуства и искористат најдобрите практики од двете служби.

Претседателот Џафери ја информираше претседателката Гојковиќ за актуелностите во Република Македонија, при што го спомна неодамна добиениот позитивен и безусловен извештај од Европската Комисија за напредокот на земјата и рече дека сите чинители во општествениот живот се дополнително мотивирани и ангажирани во насока на правење на потребните реформи, со цел исполнување на потребните предуслови за полноправно членство во ЕУ и НАТО, кои се стратешки детерминирани приоритети уште од осамостојувањето на Република Македонија. Тоа се прави пред се и над се, за нашите граѓани да можат да споделуваат европски вредности и стандарди кои се и темелите на вистинската парламентарна демократија. Владата на Република Македонија работи интензивно во насока на подобрување на добрососедските односи со сите соседи и ја охрабрува и Република Србија да биде фактор кој придонесува кон развивање на добрососедски односи во регионот затоа што само стабилен регион, со решени регионални прашања може да биде атрактивен пазар за високоразвиените земји. Во тој контекст, претседателот Џафери го спомна потпишаниот договор со Република Бугарија кој веќе почна да дава конкретни резултати а ја истакна и интензивната комуникација со Република Грција во правец на изнаоѓање на взаемно прифатливо решение за повеќегодишниот спор. Сите овие напори би требало да резултираат со наша покана за полноправно членство во НАТО и согласност од страна на Советот на Европа за почеток на преговорите за полноправно членство во ЕУ во јуни оваа година.

Г-ѓа Гојковиќ, истакна дека посетата на претседателот Џафери дава јасна порака за регионот и ЕУ дека Република Србија и Република Македонија соработуваат и изразуваат готовност да споделуваат искуства на ниво на комисии и служби помеѓу двата парламенти. Таа истакна дека Берлинскиот процес е важен формат на соработката на ЕУ и Западен Балкан, сепак, не смее да се дозволи тоа да биде замена за вистински евроинтеграциски процес.

Претседателот Џафери, на крајот на средбата потенцираше дека сега ги имаме сите предуслови за да ги разбиеме сите стари предрасуди и стереотипи и да дејствуваме согласно со времето и промовираните вредности на демократијата и добрососедството.

Собрание на Република Македонија, Одделение за јавно информирање и односи со јавноста

___________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ