ФИТР: Весна Кузмановиќ не е ангажирана од Фондот по ниту една основа или договор

ФИТР: Весна Кузмановиќ не е ангажирана од Фондот по ниту една основа или договор

Скопје, 27 јули 2018


Во врска со информациите изнесени на денешната прес конференција на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ ја проследуваме следната реакција:

Споменатото лице Весна Кузмановиќ не е ангажирана од страна на Фондот за иновации и технолошки развој по ниту една основа или договор, ниту се исплатени какви било средства за наведените консултантски услуги.

Весна Кузмановиќ е дел од листата на консултанти во рамки на проектот на УСАИД - USAID Business Ecosystem Project чија цел е помош за компании за подготовка на предлог проекти за различни видови грантови. Притоа, на самата листа, објавена транспарентно на веб страницата на Фондот, јасно е наведено дека користењето на консултанти не е задолжително, ниту пак претставува каков било услов за добивање финансиска поддршка.

(http://www.fitr.mk/wp-content/uploads/2018/07/Tabela_so_kontakti_od_finansiski_fasilitatori.pdf)

Исто така, информираме дека лицето Весна Кузмановиќ не е, ниту била дел од процесите на одлучување за доделување финансиска поддршка, со што наводите за каков било конфликт на интерес се целосно неточни и во целост ги отфрламе.

Потенцираме дека ФИТР е одговорна и транспарентна државна институција, и им стои на располагање на сите кои имаат дилеми во врска со нашето работење и процесот на спроведување на инструментите за кофинансирање, и ги повикуваме да нѐ контактираат со цел во иднина да се спречи изнесување на паушални оценки и невистини. Она што не смееме да го дозволиме е да биде загрозен угледот на компаниите што аплицираат за нашите инструменти и најостро ги осудуваме сите обиди за дискредитирање на компаниите кои доставија успешни предлог проекти што во транспарентна процедура беа избрани за кофинансирање.

Како што и претходно најавивме, ги повикавме Јавното обвинителство и сите надлежни институции во Република Македонија да ја испитаат нашата работа и да утврдат евентуални неправилности. Оставаме на надлежните институции да си ја завршат својата работа.

Фонд за иновации и технолошки развој

___________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ