Заев: Сега е време да прашаме што може ние да направиме за државата

Заев: Сега е време да прашаме што може ние да направиме за државата

Крива Паланка, 12 септември 2018 (МИА) – Претседателот на СДСМ и премиерот Зоран Заев вечерва во Крива Паланка порача младите луѓе да се борат и да влезат во акција за својата иднина. Апелираше до нив да разговараат со своите пријатели, со родителите, бабита и дедовците бидејќи нема план „Б“ или план „Ц“.

- Што ако ја пропуштиме оваа историска шанса? Мора да дадат одговори тие што наводно не бојкотираат, која е шансата за Македонија и што ќе се случува ако ја изгубиме. Никој не кажува што, затоа, на први октомври, по референдумот, ќе се погледнеме во огледалото и може да видиме среќно, гордо, насмеано лице или тажно лице кое ни вели: „изгледа толку не биваше, толку можевме“, рече Заев на средбата со граѓаните организиран од Коалицијата „За“.

Сега е времето, додаде тој, да прашаме што можеме ние да направиме за државата, а не државата за нас.

- Ни треба безбедност и сигурност, за да можеме да чекаме деца и внуци да создадат свои семејства тука, за овој живот што го имаме да го поминеме подобро. Овде нема партии и политики, овде е прашањето за иднината на нашата Македонија. Јас знам дека целиот наш народ во огромен консензус на 30-ти септември ќе биде горд народ за одлуката која ќе ја донесе за своите деца, за своите внуци и за нашата Македонија, рече премиерот Заев.

Тој посочи на поддршката што ја има и ја добива Македонија од целиот свет.

- Доаѓа цел свет да го потврди тоа што го правиме, тоа е европско однесување, да бидете горди и со Македонија и со иднината на Македонија. Утре сум во Стразбур, во ЕП ќе зборувам за перспективите на Македонија, а земјата сеуште не е членка на ЕУ, додаде премиерот Заев.

Со ЕУ и НАТО, рече Заев, ќе дојдат и поголеми плати, а тоа се случило во секоја земја што станала членка на овие организации.

- Сите премиери пред мене и сите политичари од самостојна Македонија биле за НАТО и ЕУ, затоа повеќе од 80 отсто од нашиот народ е за НАТО и ЕУ, изјави Заев. 

Ќе и покажеме на Европа, додаде тој, и дека има граѓани и земји коишто имаат и успешни референдуми.

- Затоа што убеден сум дека на 30. септември ќе гласаме за европска Македонија, рече претседателот на СДСМ и премиер Заев, на трибината со граѓаните на Крива Паланка. ид/ев/20:43

###

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ