ЛИ 2017/ Илијев: Општината е должна да обезбеди средства за масовниот спорт

ЛИ 2017/ Илијев: Општината е должна да обезбеди средства за масовниот спорт

Кочани, 3 октомври 2017 (МИА) - Кандидатот за градоначалник на Кочани Николчо Илијев од редовите на СДСМ на днешната прес-конференција истакна дека општината е должна да обезбеди развој на масовниот спорт и на рекреативните активности на граѓаните, на училишниот, студентскиот и спортот на лица со посебни потреби.

- Спортската јавност одамна бара поголем буџет и поддршка од локалната власт. Како кандидат за градоначалник сметам дека општината мора да му биде сојузник на спортот. Од општинскиот буџет мора да се издвојат повеќе пари за спортот. Пари што ќе бидат правилно, транспарентно наменети и чесно и отчетно потрошени од спортските здруженија и клубови. Со добро стопанисување, пари во спортот можат да доаѓаат и од бизнис-секторот. Добра локална економија може да овозможи поголема поддршка на спортот, истакна Илијев.

За спортско Кочани, истакна тој, ќе ги мотивираме сите клубови и поединци за упорно тренирање и постигнување резултати: фудбалерите, кошаркарите, ракометарите, борачите, гимнастичарите, каратистите. Дипломираните спортски работници ќе ги поддржиме да ги реализираат своите знаења и можности во спортот.

Илијев посочи дека треба да се вложат повеќе пари во спортските објекти, опрема, кадар и реконструкција и целосно оспособување на спортските објекти, нивно одржување и осовременување. кг/ац/16:23

###

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.