• A-
  • A
  • A+
среда, 25 април 2018, 

Ромите со исти проблеми и во новата 2018, но со нов министер

Ромите со исти проблеми и во новата 2018, но со нов министер

Скопје, 14 јануари 2018 (МИА) –  Отворање на ромска катедра на Педагошкиот факултет и повеќе стипендии за ученици Роми, надминување на проблемите на лицата без лични документи и невработеноста, вклучување на собирачите на отпад во здравствениот и пензиски систем, како и решавање на проблемите со домување и пристап до вода и електрична енергија во ромските населби во земјава,  беа најави изминатата година за подобрување на состојбата на Ромите и нивна поголема инклузија во општеството.

Остварувањето на овие цели останува за 2018 година, а крајот на годината наместо поцврсти заложби за исполнување донесе неочекувана оставка на министерот без ресор задолжен за имплементација на стратегијата за ромите Самка Ибраимоски.

Самка Ибраимоски

На негово место на пет дена до новата година дојде Аксел Ахмедовски, адвокат од Делчево и активист против дискриминација и правна заштита на Ромите.

Во својот мандат Ибраимовски, како што информираше го реши десетгодишниот проблем во Шуто Оризари со немање гинеколошка ординација и некои проблеми во ромските населби во Битола и Штип, обезбедени се десет стипендии за додипломски и пет за постдипломски студии за Роми, а најави и отворање на ромски Културен центар во Скопје и ромска катедра на Педагошкиот факултет во Скопје.

Во 2018 година треба да биде изработена евалуација на Декадата на Ромите од 2005 до 2015 година и Стратегијата за Роми и извешај на Делегацијата на ЕУ за фондовите распределени во тој период.

Владата на премиерот Заев од доаѓањето на власт покажа дека има политичка волја за решавање на проблемите на Ромите.

Заев Роми состанок работен

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, на 23 ноември годинава, најави изработка на стратегија за формализација на неформалната економија за придвижување на Ромите кон социјално осигурување, за затворање на прашањето на лицата без документи и за вклучување на децата Роми во предучилишното образование, со цел поголема вклученост на Ромите во општеството.

Министерката за образование и наука Рената Дескоска на одбележувањето на Светскиот ден на ромскиот јазик порача дека Ромите имаат обврска да го чуваат својот јазик, а државата да создава услови за тоа и дека МОН ќе се заложи да помогне во остварување на задачата за зачувување на ромскиот јазик и за унапредување на неговата употреба.

Поддршка за ромскиот јазик даде и премиерот Зоран Заев кој нагласи дека Македонија гради инклузивно општество еднакво за сите во кое секој поединец или заедница има еднаков пристап до сервисите и услугите на јавната администрација.

Ваквите заложби се позитивни и потребни, но проблемите бараат не само структурен пристап, туку и работа на терен и запознавање на Ромите со можностите. Наспроти тоа бројките покажуваат дека Ромите во Македонија се соочуваат со висока невработеност и ниско ниво на образование.

Роми Кале

Според податоците на Ромскиот образовен фонд (РЕФ), невработеноста кај ромската етничка заедница во Македонија изнесува 75 проценти, а најголем дел од нив или 88 проценти имаат нецелосно или целосно основно образование и само 4,4 проценти целосно или нецелосно средно образование.

Ромскиот јазик во општина Шуто Оризари се предава во две основни училишта и го изучуваат 1.772 ученика, во Штип во три училишта го изучуваат 181 ученик, во Чаир во три училишта го учат 161 ученик, во Куманово во три посетуваат 29 ученици и во Кичево во едно основно училиште 63 ученика.

Последниот попис од 2002 година покажува дека во Македонија живеат 53.879 Роми или 2,7 проценти од целата популација. аа/сд/07:43

###

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ