• A-
  • A
  • A+
среда, 25 април 2018, 

Турските сили гранатираа позиции на Курдите во Сирија

Турските сили гранатираа позиции на Курдите во Сирија

Анкара, 14 јануари 2018 (МИА) - Турската армија денеска одново ги гранатираше позициите на припадниците на Силите за заштита на народот на сириските Курди во реонот на Африн во северна Сирија.

Тоа е втор турски артилерски напад врз борците на сириските Курди во Африн, откако тие и вчера беа цел на Вооружените сили на Турција.

Вчерашното гранатирање уследи набрзо откако турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган се закани со уништување на силите на сириските Курди.

- Доколку терористите во Африн не се предадат, Турција ќе ги уништи за една недела, изјави вчера Ердоган на собир во турскиот округ Елјазаг.

Реџеп Тајип Ердоган

По ваквите закани турската армија упати дополнителни сили, вклучителчно и тенкови, во реонот долж границата на Турција со Сирија, како засилување на војниците кои веќе се распоредени на тоа подрачје.

Анкара ги смета Силите за заштита на народот за огранок на Курдската работничка партија (ПКК), која се наоѓа на листите на терористички организации на Турција, ЕУ и САД.

Силите за заштита на народот се дел од антиџахдистичката коалиција во Сирија, која има поддршка на САД, но Турција одбива соработка со нив и изминативе месеци во неколку наврати се закануваше со воена операција против борците на сириските Курди. сп/12:27

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.