• A-
  • A
  • A+
четврток, 24 мај 2018, 

Вилма Трајковска доби награда за општествени заслуги од ОМД

Вилма Трајковска доби награда за општествени заслуги од ОМД

Вашингтон, 9 февруари 2018 (МИА) - Во канцеларијата на Обединета Македонска Дијаспора (ОМД) вчера им беа врачени награди на Вилма Трајковска, сопругата на поранешниот претседател на Република Македонија, Борис Трајковски, и на Маријана Петир, пратеничка во Европскиот парламент од Хрватска, јави дописникот на МИА од Вашингтон.

На приемот  организиран од ОМД во нивна чест, претседателот Мето Колоски и врачи награда на Трајковска за oпштествени заслуги и за лидерство, како истраен амбасадор на Македонија во светот.

Воедно, сопругата на поранешниот македонски претседател стана и почесен член во Советодавниот одбор на ОМД во програмата жени лидери.

- Оваа награда за општествена служба е мошна значајна за мене. Тоа е уште една афирмација за работата и активностите што ги имаме во рамките на фондацијата Борис Трајковски, изјави Трајковска.

Таа се заблагодари до македонскиот народ, до ОМД, и до своето семејство за огромната подршка добиена во изминативе години. Даде посебна благодарност до починатиот сопруг.

- Тој беше претседател на Македонија и е моја најголема инспирација за продолжување на неговото наследството, изјави Трајковска.

Маријана Петир доби награда за пријателство со Македонија поради нејзините заслуги за промоција на Република Македонија во Брисел и во Европскиот парламент и за нејзините постојани заложби за зачленување на нашата земја во Европската Унија.

Петир и Трајковска вчера учествуваа на 66-от Национален молитвен појадок, традиционален собир на светски емисари, амбасадори, политичари и бизнис лидери организиран од Белата куќа.бк/лв/18:08

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ