• A-
  • A
  • A+
петок, 25 мај 2018, 

СЈО побара Груевски и Поповски да бидат прогласени за виновни во процесот „Тенк“

СЈО побара Груевски и Поповски да бидат прогласени за виновни во процесот „Тенк“

Скопје, 17 мај 2018 (МИА) – Специјалното јавно обвинителство во завршните зборови за предметот „Тенк“ бара судот да ги прогласи за виновни поранешниот премиер Никола Груевски и поранешниот помошник-министер во МНР Ѓоко Поповски, како и да ги платат судските трошоци во висина од 313.160 денари.

Обвинитгелот Гаврил Бубески во завршните зборови побара судот при утврдување на кривичната одговорност на обвинтетите да ги имаат предвид отежнителните околности дека Груевски дејствувал со директна умисла додека бил премиер и делото го направил од лична желба, но со буџетски средства, а како олеснителна неговата семејна состојба.

Обвинителството појасни дека обвинението е за незаконската постапка за набавка на блиндирано возило „мерцедес гард“ и дека Груевски барал незаконски да се изврши, така што небитно е дали се возел или не.

- Од МВР на Мак Ауто Стар во 2012 година му се исплатени 35.226.000 денари за набавката. Мак Ауто Стар со тоа остварил за 2,3 проценти повисок профит од продажбата на возила на овој економски оператор, рече Бубески.

Стевчо Донев од СЈО на почетокот на завршните зборови рече дека обвинетиот Ѓоко Поповски во 2011 година донел одлука за купување половно безбедносно возило согласно намалената економска и куповна моќ на МВР, но потоа е променета и поништена со цел да се набави вакво ново возило.

Донев, исто така, посочи дека МВР претходно предвидело 15 милиони денари за набавката на половно возило, а потоа ја зголемило на 30 милиони денари за набавката на ново визло.

Адвокатите од одбраната во завршните зборови рекоа дека набавката на возилото била непходна поради безбедносни и технички причини.

Адвокатот Сања Алексиќ рече дека со доказите од Обвинителството не се докажува делото за кое се терети Груевски и предложи ослободителна пресуда.

Според Алексиќ, Обвинителството тврди дека од аудио-разговор на обвинетиот Никола Груевски со едно женско лице се покажува како се договарала набавката на „тоа на М“ од што, како што рече, Обвинителството заклучува дека станува збор за договарање на набавка на блиндирано возило „мерцедес гард“.

Судијката Добрила Кацарска на барање од одбраната даде пауза од половина час, по која што, како што рече, ќе се продолжи со завршните зборови на одбраната.

Во „Тенк“ обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот помошник министер во МВР Ѓоко Поповски и поранешната министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, за која постапката е издвоена поради „ризична бременост“.

Груевски, Јанкулоска и Поповски се обвинети за набавката на луксузниот мерцедес од 600 илјади евра.

Според СЈО, Груевски како премиер побарал од Јанкулоска да определи лице кое ќе спроведе незаконска јавна набавка за ново блиндирано возило, а се фаворизирала фирмата „Мак Аутостар ДООЕЛ“. За да го исполни барањето Јанкулоска го ангажирала Поповски и двајцата ја злоупотребиле службената положба и овластување. МВР направило набавка на возилото кое требало да и биде дадено на Владата, но според обвинителниот акт, било набавено затоа што Груевски сакал да се вози во такво возило, но не сакал јавноста да знае за тоа. аа/сд/13:54

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ