• A-
  • A
  • A+
понеделник, 21 мај 2018, 

МВР Билтен (ДПЛ)

МВР Билтен (ДПЛ)

Скопје, 17 мај 2018 (МИА) - Б.В. (63) од Скопје вчера пријавил дека околу 13.00 часот во Комплексот клиники „Мајка Тереза" бил измамен од непознат сторител. Додека чекал со неговата сопруга во Одделот за ортопедија, непознато лице му се претставило како доктор вработен во клиниката и почнал да му објаснува за болеста на неговата сопруга. Лицето му понудило дека може да им помогне да ја забрза процедурата за терапијата, по што на Б.В. му земало 12.000 денари. Откако лицето ги земало парите не се вратило повеќе. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

М.Д. (29) од Скопје вчера во 13:00 часот пријавил дека на 13.05.2018 година околу 1:30 часот, на влезот на ноќен клуб лоциран во Градски парк, бил физички нападнат од неколку непознати лица. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителите и за целосно расчистување на случајот.

И.З. (61) од Скопје денеска пријавил дека на 16.05.2018 година околу 18:40 часот на улица „1509" непознат сторител одзел товарно моторно возило „Мерцедес Спринтер“, кое било отклучено и со клучот оставен на бравата. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот и возилото, како и за целосно расчистување на случајот.

В.Б. (28) од Скопје утринава во 2:45 часот пријавила дека патничкото возило „Пежо Партнер", сопственост на нејзиниот дедо, кое било паркирано на улица „Скупи" во Скопје, било опожарено. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против Г.М. (44) од Гостивар поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „фалсификување исправа“ и „употреба на исправа со невистинита содржина“, против И.Р. (61) од село Бериково, кичевско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривични дела „помагање“ во врска со „употреба на исправа со невистинита содржина“ и „измама при добивање на кредит или друга погодност“, против С.И. (63) од село Форино, гостиварско, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „фалсификување исправа“, „употреба на исправа со невистинита содржина“ и „перење пари и други приноси од казниво дело и содржина“ и против А.С. (55) од Гостивар поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „фалсификување на исправа“. Во периодот од јули до октомври 2016 година, првопријавениот, вработен во МВР на РМ - во Полициска станица-Гостивар, изготвил лажен договор за купопродажба на патничко возило „Јагуар” помеѓу правно лице од Швајцарија како продавач и второпријавениот како купувач. Потоа, првопријавениот, во име на второпријавениот, ваквиот договор, заедно со потврдата за престој во странство од второпријавениот, ги приложил во Бирото за метрологија при Министерството за Економија-Скопје, со цел да ја искористи погодноста по член 24 од Законот за возила. Третопријавениот, и покрај тоа што знаел дека купопродажниот договор и сообраќајната дозвола се лажни, ги употребил во постапка за добивање на согласност за регистрација во отсекот за управни работи во Гостивар. Четвртопријавениот, како овластен судски преведувач, за да се искористи погодноста по член 24 од Законот за возила, при преводот на странската сообраќајна дозвола од наведеното возило, внел друг лажен датум на одјава на возилото.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Македонска Каменица поднесе кривична пријава против Н.П.(21) и К.П. (21), двајцата од село Дулица, Македонска Каменица, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „тешка телесна повреда“. На 05.04.2018 година околу 15:30 часот во село Дулица, пријавените со дрвени стапови физички го нападнале И.С. од истото село, при што му нанеле тешки телесни повреди.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Струга поднесе кривична пријава против С.О. (27) и П.С. (26), двајцата од Струга, поради постоење основи на сомнение за сторени две кривични дела „тешка кражба” и кривично дело „кражба”. Во периодот од 14.03.2018 до 09.04.2018 година на подрачјето на Струга, пријавените извршиле тешки кражби во бутик и маркет. Тие со употреба на сила и подесен алат ги отворале вратите и одзеле парични средства, преносен компјутер и облека, додека во основното училиште „Браќа Миладиновци“ одзеле мобилен телефон. На тој начин пријавените се стекнале со противправна имотна корист од околу 154.000 денари.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Крива Паланка поднесе кривична пријава против Б.М. (33) од село Ранковце поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „напад врз службено лице при вршење на работи на безбедност“. На 02.05.2018 година околу 23:30 часот во Полициското одделение Ранковце, пријавениот, кој бил во алкохолизирана состојба физички го нападнал едниот полициски службеник.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Кавадарци поднесе кривична пријава против И.Ќ. (34) од Богданци поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“. На 23.11.2017 година во Богданци, полициски службеници извршиле претрес во домот на пријавениот на ул. „Маршал Тито“. При претресот бил пронајден и одземен пиштол „Колт“ со два куршума, кој пријавениот на 21/22.11.2017 година го одзел при кражба во викенд-куќа во околината на Кавадарци.

Полициски службеници вчера околу 18:00 часот во село Осинчани затекнале патничко возило „Форд“-караван со кумановски регистарски ознаки, кое било натоварено со необележано огревно дрво, а го управувало непознато лице кое побегнало. Набргу потоа, на местото дошле три непознати лица во патничко возило „БМВ“ без регистарски ознаки и се обиделе да го земат возилото „Форд“. Едно од лицата со бензин го испрскал службеното возило „Шкода Октавија“, по што и самиот се полеал со бензин. Во тој момент еден од полициските службеници го извадил службениот пиштол и им наредил на лицата да отстапат, по што сите тројца побегнале во различни правци. Увид на местото извршила екипа од Полициската станица Драчево. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот. вј/14:20

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ