• A-
  • A
  • A+
сабота, 22 септември 2018, 

Новиот претседател на каталонската Влада стапи на должност

Новиот претседател на каталонската Влада стапи на должност

Барселона, 17 мај 2018 (МИА) - Новиот претседател на Владата на шпанскиот автономен регион Каталонија, Ким Тора денеска во Барселона положи заклетва, со што официјално стапи на должноста.

Тврдокорниот сепаратист Тора при полагањето заклетва не се заколна на почитување на Уставот на  Шпанија, туку, како што рече, само на „почитување на волјата на каталонскиот народ“.

Ким Тора заклетва ЕПА

Тора, кој беше избран за претседател на каталонската регионална Влада во понеделникот, на церемонијата вети дека ќе се залага за „изградба на независна држава“, при што не спомена почитување на Уставот на Шпанија, на шпанскиот крал Фелипе Шести, ниту на Статутот на Каталонија, со кој се регулирани нејзините надлежности како автономен регион.  

Слично како и неговиот претходник на оваа функција Карлес Пучдемоин во 2016 година, и Тора вети дека „чесно ќе ги извршува обврските како претседател на каталонската Влада, почитувајќи ја волјата на народот, претставуван од Парламентот на Каталонија“.

На церемонијата на полагањето заклетва на 55-годишниот Тора не присуствувааше ниту еден претставник на централните шпански власти, а не беше истакнато ниту знамето на Шпанија.

Ким Тора заклетва ЕПА

Шпанската Влада на премиерот Маријано Рахој реши да не испраќа свој претставник на церемонијата во Барселона, објвинувајќи дека „регионалната извршна власт“ сакала таа да го одредува нивото на владината делегација, што било неприфатливо за Мадрид. 

- Владата исто така смета дека церемонијата организирана од каталонската Влада претставува навреда на достоинството на институцијата, се додава во владиното соопштение. сп/15:33

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.