• A-
  • A
  • A+
понеделник, 21 мај 2018, 

Борисов: ЕУ не треба да се плаши од членство на земјите од Западен Балкан (ДПЛ)

Борисов: ЕУ не треба да се плаши од членство на земјите од Западен Балкан (ДПЛ)

Софија, 17 мај 2018 (МИА) - Европската унија не треба да се плаши од прием на земјите од Западен Балкан, чиј бруто домашен производ зедно е колку оној на Словачка, а нивното население е помалубројно од она на Романија, изјави денеска бугарскиот премиер Бојко Борисов по завршувањето на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Софија.

- Западениот Балкан има 17,7 милиони жители и БДП од 96 милијарди евра. Дали е тоа причине за голем страв и опасност за ЕУ?, запраша Борисов.

Тој нагласи дека на Самитот во Софија се водела плодотворна и искриена дискусија меѓу оние кои се за и против различните пристапи кон проширувањето за членството на земјите од Западен Балкан во ЕУ. 

Борисов праша зарем не е подобро земјите од Западен Балкан да преговараат со ЕУ и да се стремат кон исполнување на европските критериуми, отколку да им се дозволи на „други геополитички играчи да го зајакнат своето и онака силно влијание во регионот“.

- Јасно е дека силата на ЕУ во справувањето со сите прашања кои ги имаме со големите стратешки играчи во светот лежи во нашато единство, порача Борисов. 

Говорејќи за единството, тој како значајно го нагласи тоа што денеска во Софија премиерите на Макеоднија и на Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас „имаа добри вести за можен договор околу името“, како и тоа што претседателите на Србија и Косово, Александар Вучиќ и Хашим Тачи се ракуваа, а германската канцеларка Ангела Меркел, британската премиерка Тереза Меј и францускиот претседател Емануел Макрон заедно шетале низ бугарскиот главен град.  

Борисов на прес-конеференцијата нагласи и дека за прашањето за проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан ќе се разговара и на претстојниот самит на Унијата, што ќе се одржи следниот месец.

На зедничката прес-конференција со Борисов, претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск изјави дека не гледа друга иднина за Западен Балакн отколку таа во Европска унија.

Софија Самит ЕПА

- Не постои план Б. Западен Балкан е составен дел од Европа и припаѓа на нашата заедница, наведе Туск.

Тој наведе дека за време на Самитот во Софија се разговарало за подобрување на врските во регионот, но и за врските на ЕУ со Западен Балкан и тоа во областа на меѓучовечки контакти, економијата, инфраструктурата и дигиталните програми.

- Сакам да бидам јасен. Агендата за поврзување не е алтернатива ниту замена за проширувањето. Тоа е начин  да се искористи времето помеѓу денес и утре поефикасно отколку претходно, со цел нашите граѓани и компании да не чекаат на сите придобивки од ЕУ интеграциите, наведед Туск.

Претседателот на Европскиот совет, Самитот Европска унија - Западен Балкан го оцени како многу добар и успешен, додавајќи оти сите 28 лидери на ЕУ зборуваа за европската перспектива на регионот.

- Ако го споредиме овој регион со другите делови на Европа, кога зборуваме за „проблеми по глава на жител“ Западен Балкан е пред Франција и Германија заедно. Затоа мораме да бидеме упорни, цврсти, оптимисти, но и внимателни со нашите ветувања, посочи Туск. 

Германската канцеларка Ангела Меркел на прес-конференција по завршувањето на Самитот ЕУ-Западен Балкан изјави дека државите од Западен Балкан имаат јасна перспектива за члество во Европската унија, изјави денеска 

Меркел истакна дека на средбата во Софија не е донесена никаква одлука за прашањето за проширување на ЕУ, но нагласи дека за таа тема ќе се разговара на следниот Самит на Унијата во јуни.

Ангела Меркел Софија ЕПА

Германската канцеларка како особено значаен го нагласи напредокот во разговорите меѓу Грција и Македонија, изразувајќи надеж дека ќе биде најдено решение прашањето за името. 

Како што јави БТА, Меркел оцени дека средбата во Софија била многу важна, бидејќи на неа биле водени многу корисни разговри и притоа и се заблагодари на Бугарија за добрата организација на собирот.

Лидерите на Европска унија и земјите членки на ЕУ, во консултација со партнерите од Западен Балкан денеска во Софија усвоија Декларација во 17 точки, со кои е повторена недвосмислената поддршка за европската перспектива на регионот, а исто така се наведени и задачите и принципите што треба да бидат исполнети за време на процесот на евроинтеграција.

Усвоен е и Анкес на декларацијата што се однесува на зајакнување на врските и соработката помеѓу ЕУ и Западен Балкан.

- ЕУ ја поздравува заедничката посветеност на партнерите од Западен Балкан на европските вредности и принципи и визија на силна, стабилна и обединета Европа поддржана со нашите историски, културни и географски врски и нашите взаемни политички, безбедносни и економски интереси, се наведува во првата точка на документот.

ЕУ повторно ја потврди недвосмислената поддршка за европската перспектива за Западен Балкан.

- Врз основа на досегашниот напредок, партнерите од Западен Балкан ја потврдуваат својата посветеност на европската перспектива како свој силен стратешки избор и ги зајакнуваат своите напори и взаемна поддршка. Кредибилитетот на овие напори зависи од јасните информации од јавноста, се посочува во Декалрацијата.

Софија Самит ЕУ-ЗБ, фемили фото

Исто така се наведува и дека ЕУ е одлучна да ја зајакне и интензивира својата посветеност на сите нивоа за да ја поддржи политичката, економската и социјална трансформација на регионот, вклучително и со зголемување на помошта.

- ЕУ ја поздравува посветеноста на партнерите од Западен Балкан на владеење на демократијата и владеење на правото, посебно во борба против корупцијата и организираниот криминал, доброто управување и почитување на човековите права и правата на припадниците на малцинствата, се истакнува во документот, при што се додава дека граѓанското општество и независните медиуми имаат клучна улога во процесот на демократизација.

Европската унија ја поддржува и посветеноста на партнерите од Западен Балкан да продолжат да воспоставуваат добрососедски односи, регионална стабилност и меѓусебна соработка.

- Ова опфаќа, посебно, изнаоѓање и спроведување на дефинитивни, инклузивни и обврзни решенија за нивните билатерални спорови, кои се вкоренети во наследството од минатото, како и понатамошни напори за помирување, се посочува во Декларацијата. ми/сп/17:52

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.