• A-
  • A
  • A+
петок, 21 септември 2018, 

Анкети: Ердоган најверојатно ќе се бори за нов мандат во вториот круг

Анкети: Ердоган најверојатно ќе се бори за нов мандат во вториот круг

Анкара, 14 јуни 2018 (МИА) - Најновите анкети на јавното мислење во Турција во пресрет на предвремените претседателски и парламентарни избори закажани за 24 јуни, укажуваат дека шефот на државата ќе биде избран во вториот круг.

Според резултатите од анкетите, поддршката на актуелниот турски претседтел Реџеп Тајип Ердоган, кој на изборите настапува како кандидат на владејачката Партија на правдата и развојот (АКП) со поддршка на уште пет партии, во моментов изнесува под 50 проценти.

Во анкетата на агенцијата „Гезиџи“, Ердоган ужива поддршка на 47,1 отсто од избирачите, во анкетата на СОБАР - 48,3, а во истражувањето на „Метропол“ 45,9 проценти.

Доколку ваквите резултати бидат потврдени на изборите на 24 јуни, Ердоган нема да има доволно гласови за да биде реизбран на функцијата и ќе мора во вториот изборен круг да се соочи, најверојатно, со кандидатот на опозициската Републиканска народна партија (ЦХП), Мухарем Инџе.

Според анкетите, Инџе има поддршка на меѓу 20,1 и 31,4 отсто од гласачите, со што е далеку пред третопласираната кандидатка Мерал Акшенер од Добрата партија (ИЈИ), за која би гласале меѓу 9,5 и 14,1 проценти од избирачите. 

Сепак, за вториот круг сите анкети му даваат предност на Ердоган, кој би извојувал победа над Инџе. 

Кога станува збор пак за парламентарните избори, се очекува АКП да освои меѓу 39,3 и 43,5 отсто од гласовите, пред ЦХП со меѓу 24,2 и 27,2 процнети и курдската Демократска партија на народите (ХДП) со меѓу 12,1 и 12,3 отсто.

На четвртото место е опозициската ИЈИ со поддршка меѓу 10,3 и 11,4 проценти, пред коалицискиот партнер на АКП, Партијата на националистичкото движење (МХП) со меѓу 4,7 и 9,2 отсто и исламистичката Партија на среќата (СП), која ужива поддршка на меѓу 2,2 и 4,4 проценти од избирачите. сп/17:19

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.