• A-
  • A
  • A+
петок, 21 септември 2018, 

Тевдовски: Преговараме со германски инвеститори кои ќе обезбедат пристојни плати

Тевдовски: Преговараме со германски инвеститори кои ќе обезбедат пристојни плати

Франкфурт, 14 јуни 2018 (МИА) - Постои можност за влез на германски компании во Македонија, кои ќе придонесат за развој на економијата, но и кои ќе обезбедат пристојни плати за вработените.

Ова го истакна денеска министерот за финансии Драган Тевдовски во изјава по повод средба на економскиот тим од Владата со претставници на големи германски компании, бизнисмени и стопански комори.

Владината делегација денеска е работна посета во Франкфурт, предводена од заменик претседателот на Владата за економски прашања Кочо Анѓушев, а во неа се и министерот за економија Крешник Бектеши, министерот за здравство Венко Филипче, и директорот на Дирекцијата за ТИРЗ Александар Младеновски.

- Во Франкфурт сме за да ги презентираме можностите за инвестирање во Македонија. Има сериозни германски компании кои се заинтересирани да влезат во нашата земја, имајќи ја предвид позитивната насока во која се движи Македонија и нејзината добра фискална позиција, која ги поддржува инвестициите. Денеска разговаравме на различни теми од макроекономска стабилност, од фискалната позиција, можностите за водење бизнис, транспаретноста - која сериозно ја отворивме и која е препознаена од страна на релевантните меѓународни институции, како ЕУ, ММФ и Светска банка. Инвеститорите особено се интересираа околу понудата на работна сила која ја има Македонија. Ние истакнавме дека има можности овие компании да влезат во нашата земја и да придонесат и за развој на економијата, но и да обезбедат пристојни плати, рече министерот за финансии Тевдовски.

На инвеститорите им беа презентирани и поволностите за инвеститорите кои ги обезбедува Законот за финансиска поддршка на инвестициите, кои на транспарентен и еднаков за сите начин ги поддржуваат инвестициите.

Економските министри на компаниите од Германија им нагласија дека Македонија со чекорите коишто ги презема се етаблираше како стабилна земја, отворена кон соседите и кон светот, земја којашто се гледа во ЕУ и во НАТО.

Во текот на денешниот ден, министрите остварија и кратка средба со претставници на Дојче Банк, со која како што истакна министерот за финансии, Министерството за финансии и Владата имаат долгогодишна соработка.

Инаку, во моментов околу 200 компании со германски капитал работат во Македонија и во нив има над 20 илјади вработени. Германија е еден од главните трговски партнери на Македонија, а 47 отсто од вкупниот извоз на Македонија во 2017 година беше кон Германија.

Во периодот од јануари до март оваа година, извозот од Македонија во Германија изнесува 643.2 милиони евра и претставува зголемување за 16 отсто во споредба со истиот период минатата година. ац/18:07

###

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ