• A-
  • A
  • A+
вторник, 17 јули 2018, 

МВР Билтен

МВР Билтен

Скопје, 12 јули 2018 (МИА) - Од основно училиште во Чаир украдени се лаптоп компјутери, полначи и глувчиња за компјутери при што е причинета материјална штета од 576 илјади денари.

Кражбата е пријавена вчера во полициската станица во Бит Пазар. Според полицискиот билтен, таа се случила во основно училиште на улицата „Коста Абрашевиќ“ во временскиот период од 6 до 10 овој месец.

Украдени се 169 мали ученички лаптоп компјутери со полначи, 100 глувчиња за компјутери, 45 тастатури и 30 парчиња разводник за УСБ.

Кражбата е извршена така што е влезено од еден од прозорците во училиштето и со употреба на физичка сила отворени се кабинетите од каде се одземени предметите.

Се превземаат мерки за расчистување на случајот.

Затвореник од Казнено-поправната установа во Прилеп повредил двајца полициски службеници кои требало заедно со уште еден затвореник да ги спроведат од Општата болница во Битола до затворот. 

Инцидентот се случил вчера околу 16 часот во кругот на Општата болница „Борка Талески“ во Прилеп кога полициските службеници со службено возило требало по завршување на лекарските прегледи на затворениците, да ги вратат до затворот во Прилеп. Во моментот кога затвореникот Р.С. требал да се качи во возилото, извадил нож и почнал да заманува кон полицајците.

Двајцата затвореници Р.Т. и Р.С. се вратени во затворот во Прилеп, а по документирање на случајот ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.

Утринава околу пет часот во Секторот за внатрешни работи во Скопје било пријавено дека десно од автопатот Тетово-Скопје пред патарината „Глумово“ имало пожар.

По пристигнување на местото на настанот од страна на полициски службеници од полициското одделение Сарај било констатирано дека во селото Глумово на стариот пат кон Тетово опожарено било патничко моторно возило „голф 3“ без регистерски таблици. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Прилеп до Основното јавно обвинителство во Прилеп поднесе кривична пријава против С.Ч.(70) поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „полов напад врз дете кое не наполнило 14 години“.

Од страна на Јавен обвинител одредена му била мерка притвор во траење од 30 дена.

Вчера, Т.Б.(68) од Скопје пријавил дека околу 21:15 часот додека се движел во паркот на булеварот „Авној“ бил нападнат од куче-скитник кое го каснало во пределот на коленото од десната нога.

Укажана му била лекарска помош во Комплексот клиники "Мајка Тереза".

Секторот за внатрешни работи Битола поднесе кривична пријава против П.К.(50) од битолското село Породин поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „силување“.

На 24 мај во Битола во близина на улицата „Раштанска”, П.К возејќи такси возило извршил полови дејствија врз 15-годишна малолетничка од Битола.

Секторот за внатрешни работи Тетово поднесе кривична пријава против С.М. (38) од Куманово поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела “предизвикување општа опасност“, „напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста“, „тешка кражба во обид“ и две кривични дела „кражба“ и против С.И.(19) и 16 годишен малолетник двајцата од Куманово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело “помагање“.

На 7 февруари во реон на селото Боговиње, од страна на полициски службеници, при обид за сопирање на возило, управувано од првопријавениот, истиот со голема брзина го насочил возилото кон полициски службеник, при што од други полициски службеници била издадена усна наредба и биле испукани неколку истрели во воздух за предупредување. Притоа првопријавениот продолжил со движење со возилото и успеал да побегне. По преземени мерки, било утврдено дека второ и третопријавениот, му помагале на провопријавениот во бегството, по што во Скопје, во населбата Ѓорче Петров лицата биле лишени од слобода. При постапката за расчистување на настанот, било утврдено дека првопријавениот во период од 11.01.2018 година до 08.02.2018 година во Тетово на улицата „Благоја Тоска” во куќата на И.Т. извршил тешка кражба во обид, додека на различни локации во Тетово вршел кражби на регистарски таблички од возила.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Радовиш поднесе кривична пријава против С.А.(51) и В.Р.(57), двајцата од Радовиш поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.

Во текот на 2013 година првопријавената, како директор на Основно училиште во Радовиш, спротивно на Законот за јавни набавки на РМ, склучила договори со добавувачи кои сама ги избрала, односно избраните добавувачи ги ставила во поповолна позиција, со што го оштетила Буџетот на РМ за 808.435 денари. Второпријавениот, како секретар во Основното училиште и претседател на комисијата за јавни набавки, во текот на 2013 година, спротивно на Законот за јавни набавки, изготвил техничка документација според која бил фаворизиран одреден економски оператор и истиот го предложил како најповолен понудувач, по што првопријавената, со истиот склучила договор за набавка на канцелариски мебел во висина од 175.929 денари, со што бил оштетен Буџетот на РМ за наведениот износ.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Прилеп поднесе кривична пријава против К.К.(40) од Прилеп поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „фалсификување исправа“.

На 1 јуни во Прилеп, пријавениот при подигање на роба од правно лице од Прилеп во вредност од 80.000 денари, употребил лажна потврда дека бил вработен во Јавната здравствена установа Општа болница „Борка Талески“ – Прилеп. Потоа, од страна на правното лице била испратена фактура на наведениот износ до Јавната здравствена установа Општа болница –Прилеп, од каде биле известени дека пријавениот не бил вработен во истата.

Секторот за внатрешни работи Струмица поднесе кривична пријава против Б.С.(54), Ј.С.(49), В.С.(26), Г.С. (24) и М.Т. (52) од село Самоилово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „криумчарење“ и „недозволено пренесување на акцизно добро односно стока или користење на акцизна дозвола или одобрение“ од Законот за акцизите на РМ.

На 10.07.2018 година околу 19 часот во близина на село Бадилен, Ново Село, во патничко возило со бугарски национални ознаки, управувано од Б.С. (54) и сопатник Ј.С. (49) и двајцата од село Ново Коњарево, пронајдени биле 29 картонски кутии со по 50 штеки цигари и една картонска кутија со 49 штеки цигари марка „Calypso“, додека во патничко возило со бугарски национални ознаки, управувано од Г.С. (24) и сопатник В.С. (26) исто така од село Ново Коњарево, пронајдени биле 35 картонски кутии со по 50 штеки цигари, една кутија со 49 штеки цигари и една штека со девет кутии цигари.

Вчера во 22:35 часот во Секторот за внатрешни работи Скопје, С.Т. (34) пријавил дека во неговиот двор на улицата „Прохор Пчински“ имало повеќе лица кои му упатувале закани по живот и притоа оштетиле еден прозорец од куќата.

По излегување од страна на полициски службеници на местото на настанот констатирано било дека пријавителот, заедно со неговиот брат А.Т. (31) истиот ден околу 22,05 часот во својот двор повикале двајца малолетници на возраст од 15 и 16 години, а потоа ги внеле во подрумската просторија од куќата и физички ги малтретирале. Тие тоа го сториле поради тоа што мислеле дека се сторители на кражби кои биле извршени во изминатите денови. Откако биле ослободени околу 22,30 часот малолетниците настанот го кажале на своите роднини кои изреволтирани се собрале во дворот на С.Т. А.Т. и С.Т. биле приведени во Полициската станица Бит Пазар и се работи на целосно расчистување на случајот.

Вчера околу 18,45 часот во Секторот за внатрешни работи Скопје од страна на медицинско лице од Комплексот клиники “Мајка Тереза“ било пријавено дека кај нив било донесено 11 месечно девојче кое, според пријавеното, имало повреди добиени во градинка во Скопје.

Се превземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

Вчера околу 05,20 часот било пријавено дека во Дебар на улицата „307“ во домот на С.М.(59), влегле неколку непознати маскирани лица, од кои двајца вооружени со автоматски пушки, а двајца со нож, по што го врзале неговиот син Г.М.(21) и одзеле засега неутврдена сума на пари и злато.

Се работи на целосно расчистување на случајот. бак/15:39

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ