• A-
  • A
  • A+
вторник, 17 јули 2018, 

Димитров на состанок на Глобалната коалиција за борба со тероризмот и исламската држава

Димитров на состанок на  Глобалната коалиција за борба со тероризмот и исламската држава

Скопје, 12 јули 2018 (МИА) - Министерот за надворешни работи Никола Димитров денеска учествуваше на состанокот на земјите членки на Глобалната коалиција предводена од САД, за борба против тероризмот и исламската држава, во рамки на вториот работен ден на Самитот, на покана на генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг и државниот секретар на САД, Мајк Помпео.

- Во оваа прилика министерот Димитров, презентирајќи ги пред своите колеги преземените национални активности за справување од заканите од тероризмот и насилниот екстремизам, ја истакна цврстата заложба на Република Македонија, како 30-та земја членка на НАТО, активно да продолжи со својот придонес во поддршката на меѓународната заедница и Глобалната коалиција за справување со овие глобални закани, соопшти МНР.

Димитров Брисел 2

На маргините на самитот Димитров остварил неколку одвоени билатерални средби со своите колеги - со министерот на Кралството Норвешка Сореиде, со претставникот на ОН Розмари ДиКарло, потсекретар за политички работи на ОН, како и со министерката за надворешни работи на Канада, Фриланд.

На средбите, како што наведува МНР, шефот на македонската дипломатија се заблагодарил за донесената одлука на НАТО за упатување покана до Република Македонија за отпочнување пристапни разговори со Алијансата.

- Заеднички беше истакната важноста на оваа одлука, со заклучок дека членството на земјата во НАТО, претставува исклучително добра вест за Балканот, и ќе даде нов и позитивен импулс во заложбите на регионот за негово целосно европско и евроатлантско интегрирање, како и тоа дека Европа ќе добие уште еден партнер во споделувањето на заедничките вредности и одговорности. Исто така, на средбите беше истакната заложбата за натамошна зајакната соработка во процесите што следат, а со што ќе и се овозможи на земјата брзо членство во НАТО, информира Министерството за надворешни работи.

Димитров Брисел 3

На средбата со канадската министерка за надворешни работи Кристија Фриланд беше потпишана и Декларацијата за стратешко партнерство меѓу двете земји што. наведува МНР, претставува посебен белег и потврда на исклучително позитивните односи и соработка меѓу двете земји.

Министерот Димитров, заедно со претседателот на Владата Зоран Заев и потпретседателите Радмила Шекеринска и Бујар Османи, учествуваше на состанокот посветен на Авганистан, на кој земјите членки на НАТО и земјите Оперативни партнери во мисијата на НАТО - Одлучна поддршка, заедно извршија преглед на напредокот на мисијата, натамошните предизвици и потребите и помошта за авганистанската Влада. хс/лв/17:25

###

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ