• A-
  • A
  • A+
вторник, 17 јули 2018, 

Партијата на Харадинај му ги ремети плановите на Тачи – нема дијалог без да се укинат визите

Партијата на Харадинај му ги ремети плановите на Тачи – нема дијалог без да се укинат визите

Приштина, 12 јули 2018 (МИА) – Пратениците на партијата на косовскиот премиер Рамуш Харадинај, Алијансата за иднината на Косово (ААК), поднесоа денеска во Собранието нацрт-резолуција со која бараат од Владата да не се продолжи дијалогот со Србија пред да се објави конечната одлука на Европската унија за укинување на визите за косовские граѓани, јави дописникот на МИА од Приштина.

- Република Косово веќе подолго време остана единствената земја во регионот чии граѓани не можат да патуваат без визи во Шенген-зоната. Освен што е неправда, ова наше исклучување предизвикува и големи практични проблеми за граѓаните на Републиката, за нивните професионални потреби и за семејниот живот, се вели во нацрт-резолуцијата.

Документот до сега го имаат потпишано повеќето пратеници од партијата на Харадинај, која е дел од владејачката коалиција, заедно со Демократската партија на Косово, која е поранешна партија на косовскиот претседател Тачи и негова главна потпора.

Претседателот на Косово, Тачи, упорно се обидува да ги убеди другите парламентарни партии да се вклучат во преговарачкиот тим за дијалогот со Србија.

Откако не успеа да обезбеди широк консензус, поради одбивањето на опозицијата да го прифати како лидер на преговорите со Белград, Тачи настојува да ги вклучи партиите од коалицијата на власт и за таа цел претпладнево се сретна со премиерот Харадинај и со претседателот на Собранието Кадри Весели.

Високата претставничка на ЕУ Федерика Могерини денеска соопшти дека дијалогот Косово-Србија ќе продолжи на 18. овој месец, со средба на претседателите на двете држави, Хашим Тачи и Александар Вучиќ. иа/цч/17:21

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.