Трамп: Безбедноста на народот е апсолутно највисок приоритет

Трамп: Безбедноста на народот е апсолутно највисок приоритет

Вашингтон, 12 септември 2018 (МИА) – Безбедноста на американскиот народ е „апсолутно највисок приоритет“, изјави синоќа американскиот претседател Доналд Трамп, додека ураганот Флоренс се доближува до источниот брег на САД.

Трамп нагласи дека федералната Влада е подготвена да реагира.

Тој исто така прогласи вонредни состојби во Северна и Јужна Каролина и Вирџинија, и откажа неколку настани.

Додека силниот Флоренс се доближува до источниот брег на САД, и во делови од три американски држави е наредена евакуација на населението, милиони Американци се подготвуваат за можеби еден од најкатастрофалните урагани во овој регион во изминатите децении.

Директорот на Националниот центар за урагани Кен Греам предупреди дека големината на ураганот Флоренс е „запрепастувачка“.

- Лесно би можел да погоди повеќе држави. Не е загрозен само крајбрежниот дел, рече Греам.

За обилни дождови, поплави и недостиг на струја се подготвува и Вашингтон, чија градоначалничка Мјуриел Баузер прогласи вонредна состојба, наведувајќи дека тоа е неопходен чекор за да се обезбедат ресурси и поддршка со оглед на повеќедневните врнежи кои се очекуваат.

Утрово, по локално време, Флоренс беше бура од четврта категорија, а се очекува да стигне до петти степен додека забавува над многу топлите води на океанот кај Северна и Јужна Каролина.

Се укажува на тоа дека наредните денови претстои посилен, побавен, пообемен и повлажен ураган, наведуваат метеоролозите.

Бури со јачина од петта категорија имаат потенцијал да предизвикаат катастрофални последици.

Бурата во моментов се наоѓа на околу 640 километри јужно од Бермудските острови и се движи со брзина од околу 210 километри на час.

Се очекува најголемиот дел врнежи да биде долж брегот, каде нивото на морето веќе е зголемено, и во наредните денови да предизвика поплави опасни по живот.

Според прогнозите, бурата ќе дојде во петок, најверојатно во Северна Каролина, во близина на границата со Јужна Каролина.

Трамп прогласи вонредна ситуација во Јужна и Северна Каролина, што ја олеснува федералната помош.

Наредена е евакуација на 1,5 милион жители во крајбрежните делови на Јужна и Северна Каролина, како и Вирџинија.

„Вашингтон пост“ наведува дека толку обемна евакуација е наредена врз основа на искуства од минатогодишната сезона урагани, кои ги погодија Тексас, Флорида и Порторико.

Гувернерот на Северна Каролина Рој Купер изјави дека „окото“ на ураганот ќе помине преку територијата на таа држава и го повика населението да се подготви за високи бранови, силни ветрови и поплави.

Гувернерот на Јужна Каролина Хенри Мекмастер нареди евакуацијата да почне вчера на пладне по локално време. Одлуката се однесува на сите осум окрузи долж брегот на Атлантикот, вклучувајќи го и најголемиот град во државата, Чарлстон.

Мекмастер процени дека околу еден милион луѓе ќе ги напуштат своите домови.

Гувернерот на Вирџинија Ралф Нортам нареди евакуација за делови на оваа американска држава во ниската крајбрежна област, каде што живеат 245.000 жители. Тој го повика населението да се подготви за ураганот кој ќе погоди целото подрачје на Вирџинија.

На очекуваната траекторија на ураганот се и неколку нуклеарни централи, јами со пепел и друг индустриски отпад, како и отпад од фарми. јт/09:10

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Мозаик

Олег Сенцов стана почесен граѓанин на Париз

Украинскиот филмски режисер осуден на 20 години за...

Британски математичар тврди дека пронашол решение за проблем стар 160 години

Еден од најистакнатите британски математичари, Мај...

Познатиот професионален убиец на ТВ-екраните стана модна икона

Ѕвездата од новата ТВ-серија „Убиствената Ив“, ист...

Премиерката на Нов Зеланд и нејзиното бебе - хит во ОН

Премиерката на Нов Зеланд, Џасинда Ардерн, која ов...

„Хет трик“: Фудбалер за само шест недели доби деца од три жени

Напаѓачот на англискиот фудбалски клуб Стоук Сити,...