• A-
  • A
  • A+
четврток, 20 септември 2018, 

Заев: Овој историски момент е поголем од сите нас, се работи за иднината на нашите деца (видео)

Заев: Овој историски момент е поголем од сите нас, се работи за иднината на нашите деца (видео)

Скопје, 12 септември 2018 (МИА) - На 30 септември, на референдумот, ние одлучуваме. Овој историски момент е поголем од нас, од нашите партии, кавги или лични интереси. За иднината на нашите деца се работи. Да излеземе сите на референдумот, за европска Македонија, наведува меѓу другото премиерот Зоран Заев во видеообраќањето до граѓаните во пресрет на референдумското изјаснување на 30 септември.

- Независност и слобода. Тоа се стремежите за кои нашиот народ се бореше низ славното минато. Осми септември деведесет и првата (91-та) беше остварување на тој идеал, историски ден кога граѓаните, на референдум, избраа иднина во своја, самостојна и независна држава.

Тогаш имав 17 години и знаев дека местото на Македонија е со западниот, со демократскиот свет, во Европа. Оттогаш поминавме низ многу тешки моменти, а некои од нашите најголеми соништа до ден-денес останаа неисполнети.

Народе мој, време е!

Време е да бидеме храбри и да гледаме кон иднината!

Денес, кога сите заедно стоиме пред најголемиот предизвик во историјата на нашата земја, имаме единствена можност да ја зграпчиме оваа историска шанса, овој втор референдум, кој ќе ја зацврсти нашата независност и да кажеме да, за стабилна и сигурна иднина, за иднина во Европа.

На 30 септември, на референдумот, НИЕ одлучуваме. Нашиот пат не е лесен, но добро знаеме што добиваме. Знаеме дека сме свои на своето, Македонци што зборуваат признаен македонски јазик, граѓани што се определуваат за подобар живот, со повисоки приходи, за добри работни места. Сето тоа во нашата убава Македонија, безбедна, сигурна, мирна, пријателска и стабилна. Европска.

Во преговорите и со договорот ние ги зачувавме нашиот јазик и националност, нашата култура, ја зачувавме и нашата историја. Но, со успешен референдум ние како држава ќе ја осигуриме засекогаш и нашата иднина, наведува премиерот Зоран Заев во видеообраќањето до граѓаните на Република Македонија.сст/са/09:27

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ