• A-
  • A
  • A+
среда, 19 септември 2018, 

Лимај: Нема Албанец кој би сакал да разговара со Вучиќ и Дачиќ, но тие се избрани од нивниот народ

Лимај: Нема Албанец кој би сакал да разговара со Вучиќ и Дачиќ, но тие се избрани од нивниот народ

Приштина, 12 септември 2018 (МИА) - Лидерот на владејачката партија Иницијатива за Косово (Нисма) и потпретседател на косовската Влада, Фатмир Лимај вели дека во 1999 година заврши времето кога Србија се трудеше да најде претставници на Албанците со кои ќе разговара и кои ќе бидат по мерка на Србите, јави дописникто на МИА од Приштина.

Лимај е на чело на тимот што косовскиот премиер Рамуш Харадинај го состави за да ја претставува Владата на Косово на преговорите со Србија во Брисел, а во кој се уште и вицепремиерите Енвер Хоџај и Беџет Пацоли, министрите за јавна администрација и за дијаспора, Махир Јагчилар и Дардан Гаши и досегашниот главен претставник на Владата во преговорите, Авни Арифи.

Претседателот на Србија Александар Вучиќ и министерот за надворешни работи Ивица Дачиќ изјавија дека не го прифаќаат Лимај за шеф на владиниот преговарачки тим, поради неговата улога во војната во 1998-99 година, на што косовскиот вицепремиер одговори дека „не верува оти постои Албанец кој би сакал да разговара со Вучиќ и Дачиќ, меѓутоа тие се избраниците на нивниот народ“.

Потпретседателот на косовската Влада рече дека во моментов нема никаков предлог од Србија дека под одредени услови би ја признала независноста на Косово.

- Нека каже Србија дека го сака половина Косово во замена за признавањето на Косово и ние ќе го дадеме нашиот одговор. Без официјален предлог не знаеме за што зборуваме. Ние ги имаме нашите барања, а тоа се признавање и зачленување во ОН, но од Србија немаме официјален предлог, изјави Лимај.

Тој рече дека меѓу политичките субјекти на Албанците во Косово има разлики и недоверба, но порача дека во овој момент тие мора да се обединат.

- Во Косово имаме недоверба. Имаме дискутабилни личности. Имаме недоверба поради разни причини и разни искуства. Јас имам проблеми со претседателот (Хашим Тачи), а и тоа е нормално. Но, тоа е внатрешна, национална тема. А, во Брисел треба да бидеме заедно и да понесеме одговорност, изјави Лимај. иа/сп/12:16

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.