• A-
  • A
  • A+
среда, 17 октомври 2018, 

Димитров од Струмица: Во демократија граѓаните зборуваат преку гласање

Димитров од Струмица: Во демократија граѓаните зборуваат преку гласање

Струмица, 25 септември 2018 (МИА) - Народот зборува кога гласа. Демократијата значи гласање. И ако од 2005 година наваму велиме или велат референдум, референдум, референдум, еве го за неколку дена на 30 септември. Само тие што ќе кажат за или против ќе учествуваат во одлуката за иднината на Македонија, рече вечерва министерот за надворешни работи, Никола Димитров од граѓанската трибина „Излези за европска Македонија“ што се одржа во Срумица.

Во своето обраќање пред присутните граѓани тој ја образложи генезата на спорот за името со Грција и при тоа истакна дека Договорот со нашиот јужен сосед е неминовен, бидејќи нема начин да ја натерате Грција да ве сака и да потпише договор без кој таа може.

- Долго време живеевме со мисла дека ќе најдеме начин да влеземе во НАТО и ЕУ. Нема начин да ја натераме да не сака ако не сме пријатели. Не може да клоцате, бидејќи тие можат и без нас на маса и затоа кога велиме дека сакаме во ЕУ и НАТО во реалноста тоа значи дека треба да ги убедиме прво соседите дека и во нивен интерес е да бидеме таму, рече Димитров.

Додаде дека битката дали сме Македонци не ја однеле 2400 години назад во антиката, туку во системот на европски вредности, каде самоидентификацијата не е спорна и срамота е некој да каже и да спори ако кажете дека сте Македонец. Потенцираше дека македонскиот јазик е потврден во Договорот од Преспа и е преведлив на сите јазици.

- Македонството не брани со фасадна политика, туку ќе се одбрани ако си ја средиме државата, ако ја подигнеме, ако бидеме побогати и поуспешни и децата да ни остануваат тука и да си извезуваме производи, а не да извезуваме младост, рече Димитров.

Тој ги повика граѓаните да излезат масовно, бидејќи на 30 септември гласот е за иднината на Македонија.

Димитров одговараше и на прашања на граѓаните, а на трибината зборуваше и градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски. рт/ев/21:47

###


 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ