• A-
  • A
  • A+
сабота, 22 септември 2018, 

Тевдовски: 33,4 милиони долари грантови за градинки и социјални услуги

Тевдовски: 33,4 милиони долари грантови за градинки и социјални услуги

Чашка, 4 јуни 2018 (МИА) - Грантови за општините за изградба на нови градинки, за реновирање на постоечки и пренамена на постојни објекти во институции за деца на предучилишна возраст, најави министерот за финансии Драган Тевдовски на отворењето на првата градинка во општина Чашка, каде присуствуваше и министерката за труд и социјала Мила Царовска. Станува збор за проект во износ од 33,4 милиони долари, кој Светска банка, за време на Пролетните средби во Вашингтон, изрази интерес да го финансира.

Освен за изградба и реконструкција на градинки парите од заемот од Светска банка би се користеле и за подобрување на квалитетот на услугите во предучилишните установи, унапредување на наставните програми и обуки на кадрите. Исто така, ќе се доделуваат грантови и за други социјални услуги на локално ниво.

- Во тек е Мисија на тимот на Светска Банка за проценка на проектот. Преговорите помеѓу Владата на Република Македонија и банката треба да почнат на почеток на јули. За крај на септември се планира проектот да биде одобрен од Бордот на директори на Светска Банка. Потпишувањето на договорот треба да се случи на крајот на годинава, изјави министерот за финансии Тевдовски.

Како што истакна тој, затекнати се бројни проблеми во предучилишното образование. Бројот на градинки е недоволен, капацитетите се помали од потребата, исто како и бројот на вработени. Сепак, како што рече Тевдовски, Владата веднаш се заложи да се надминат овие проблеми преку обезбедување повеќе средства во буџетот.

- Децата се нашата иднина. Со вложување во нивниот развој уште од предучилишна возраст, даваме придонес кон идниот просперитет на земјата. Се фокусираме да се подобри опфатот на децата во градинките, односно подобрување на  просторните и кадровски капацитети-рече Тевдовски.

Министерот за финансии посочи дека во годинешниот буџет има определено значително повеќе средства за блок дотации за детски градинки или околу 1,6 милијарди денари. Предвидени се и средства за 200 нови вработувања во градинките како и за зголемување на платите на вработените за  пет отсто, почнувајќи од септември годинава.

Тевдовски рече дека во буџетот за 2018 има 58 милиони денари за изградба и опремување на детски градинки и објекти за социјална заштита.скс/са/12:01

###

 

 

 

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ