• A-
  • A
  • A+
среда, 19 септември 2018, 

Тевдовски и гувернерката Ангеловска-Бежоска на Конституенцата на СБ и ММФ (ДПЛ)

Тевдовски и гувернерката Ангеловска-Бежоска на Конституенцата на СБ и ММФ (ДПЛ)

Скопје, 9 јуни 2018 (МИА) - Делегација предводена од министерот за финансии Драган Тевдовски и гувернерот на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска, учествува на средбите на Конституенцата на Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд, кои се одржуваат во Сплит, Хрватска.

На Конституенцата ќе се обратат заменик претседателот на Групацијата на Светска банка за Европа и Централна Азија Сирил Милер, како и извршните директори на ММФ и Светска банка, Антони Де Ланој и Френк Хемскирк.

На маргините на Конституенцата, како што информира Министерството за финансии, Тевдовски ќе оствари средба со министерот за финансии на Холандија Вопка Укстра.

Народната банка на Република Македонија соопшти дека гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска ќе говори за монетарната политика водена од НБРМ, односно за остварувањето на нејзините цели во изминатиов период, како и за актуелната каматна политика на централната банка.

Во рамки на разговорите на средбата, посебен акцент ќе биде ставен на секторот „Финтек“ и на поврзаната меѓу развојот на технологијата и финансиската индустрија. Во изминатиов период, внимание и дискусија на оваа тема, НБРМ посвети и преку одделна работилница и преку штотуку завршената 11. конференција за плаќања и пазарна инфраструктура, насловена како „Време е за дигитализација“, кои дополнително го потврдија настојувањето да не се биде набљудувач, туку учесник во остварувањето на промените поттикнати од трендовите на технолошкиот развој на глобално ниво.

Претставниците на централните банки и министерствата за финансии на петнаесетте земји членки на оваа Конституенца, викендов ќе се фокусираат и на промените во регулативата, работењето и корисчничките права коишто произлегуваат од брзиот развој на технологијата. Притоа се очекува да бидат истакнати и конкретните чекори коишто ги презема Македонија со подготовката на Нацрт-закон за платежни услуги и платни системи од страна на НБРМ и Министерството за финансии. Со овој Нацрт-закон, како што веќе е соопштено, се транспонираат сет на најзначајните регулативи на ЕУ во оваа област и се очекува во нашата држава да се поттикне конкуренцијата на пазарот на плаќања, преку отворање на влезот за компаниите на „Финтек“ коишто можат да обезбедат иновативни платежни услуги, како и да воспостават и да управуваат со нови платни системи.

Покрај учеството на редовните сесии на Конституенцата, во Сплит, гувернерката Ангеловска-Бежоска ќе оствари и одделни разговори со повеќе гувернери на централни банки, коишто се очекува да придонесат за натамошен развој на успешната соработка меѓу НБРМ и центролнобанкарските институции на земјите членки на Конституенцата.

Холандија претседава со Конституенцата во која е Македонија. Во неа членуваат и Хрватска, Украина, Израел, Романија, Бугарија, Луксембург, Кипар, Босна и Херцеговина, Молдавија, Ерменија и Црна Гора. На годишните состаноци на конституенците учествуваат министри и гувернери на банки, со  цел да ја зајакнат меѓусебната соработка и да разменат мислења на актуелни теми.скс/13:57

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ