• A-
  • A
  • A+
петок, 21 септември 2018, 

Одржана 29. сесија на Клубот на истражувачи на НБРМ

Одржана 29. сесија на Клубот на истражувачи на НБРМ

Скопје, 14 јуни 2018 (МИА) - Клубот на истражувачи ја одржа 29-сесија на која беа презентирани два истражувачки труда: „Економски раст во услови на оптимално управување со јавниот долг во Македонија“ од м-р Кирил Симеоновски и „Влијанието на услужниот сектор врз нивото на сложеност на економијата: усовршувањето на услугите како пат за економски раст“ од м-р Виктор Стојкоски, д-р Зоран Утковски и академик д-р Љупчо Коцарев, соопшти денеска Народната банка на Република Македонија.

Како што потенцирала во обраќањето гувернерката на НБРМ Анита Ангеловска-Бежоска, радуваат интересот и подготвеноста за студиозно и аналитичко пристапување кон актуелни теми од областа на економијата. Во истовреме, посочуваат од НБРМ, за оваа сесија интерес искажале и припадници на академската заедница, што претставува потврда дека Клубот, кој бележи речиси седумгодишно постоење, веќе е препознаен и етаблиран како реномирана отворена платформа за презентација и дискусија на научно-истражувачки трудови.

Во трудот на Симеоновски се презентирани неколку аспекти на влијанието на управувањето со јавниот долг врз растот на македонската економија. Со теоретско приспособување на динамиката на долгот за случајот на Македонија, авторот извлекува неколку теоретски искази, кои претставуваат основа на неговата емпириска анализа во која користи тримесечни податоци за периодот 2008 – 2017 година.

Во истражувањето, Симеоновски доаѓа до констатација дека анализата на долгорочната врска со примена на моделот АРДЛ го потврдува позитивното влијание на долгот врз растот и како главен канал ги посочува бруто-инвестициите. Наодите од анализата укажуваат дека задолжувањето на домашен пазар има поголеми ограничувачки ефекти врз поттикнувањето на економскиот раст отколку задолжувањето на странски пазар. Пред присутните на сесијата, тој го изнесе и својот заклучок дека моделот на економски раст заснован врз бруто-инвестиции е склон на шокови и дека е потребно да се менува во насока на поттикнување на потрошувачката како двигател на економската активност, истовремено потенцирајќи дека во тој контекст и намалувањето на невработеноста има позитивно влијание врз економската активност.

Неодамна, НБРМ му ја додели втората награда  на Симеоновски за овој труд на конкурсот за Годишна награда за најдобар труд на млад истражувач од областа на макроекономијата и банкарството, којшто традиционално се распишува повеќе од една деценија.

Во вториот труд, кој во име на тројцата автори го претстави м-р Виктор Стојкоски, дојдено е до заклучок дека не само стоките, туку и услугите се важни за да се објасни растот на државите. Авторите во истражувањето комбинираат алатки од науката за мрежи и економетријата, преку кое веќе е воспоставена цврста и стабилна врска меѓу продуктивната структура на државата мерена преку диверзификацијата на извозот на стоки и нејзиниот економски раст, и соодветно го истражуваат и влијанието на услугите и нивната диверзификација. Притоа, во трудот авторите нудат докази дека индексите за комплексност на услугите се генерално повисоки од оние на стоките, што доведува до општа тенденција на рангирање на државите со развиен услужен сектор повисоко од државите со економија фокусирана на извозот на стоки.

Во рамки на презентацијата на трудот, одделно внимание им беше посветено на констатациите до кои дошле тројцата автори при испитување на влијанието на услугите врз економската комплексност на земјите измерени во просторот на производи, кој во конкретниот случај, се состои од стоки и услуги. Ова испитување е направено преку анализирање на динамиката на државите, создадена врз основа на експериментални податоци. Претставувајќи го трудот, Стојкоски ја изнесе и нивната констатација дека диверзификацијата на извозот на услуги и неговата софистицираност може да претставува алтернативен пат за економски раст како во развиените така и во државите во развој, што е и една од клучните тези на овој труд.

Во рамки на активностите за поддршка на развојот на истражувачката и аналитичката работа, Народната банка на Република Македонија го формираше Клубот на истражувачите во јули 2011 година. Клубот на истражувачите е отворена платформа за презентација и дискусија на научно-истражувачки трудови, особено во доменот на монетарната политика и макроекономијата.

Следната сесија на Клубот на истражувачи ќе се одржи во септември годинава.лв/дма/15:57

###

 

                 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ