• A-
  • A
  • A+
сабота, 22 септември 2018, 

Нов Закон за спречување перење пари, засилен надзор и за јавните функционери

Нов Закон за спречување перење пари, засилен надзор и за јавните функционери

Скопје, 26 јуни 2018 (МИА) - Македонското Собрание денеска во скратена постапка го донесе Законот за спречување перење пари и финансирање тероризам, со кој се предвидува надзор за носителите на јавни функции во Република Македонија.

Тие во 2011 година, како што посочуваат од Министерството за финансии, биле исклучени од субјектите кон кои се преземаат засилени мерки за анализа. Во досегашниот закон во оваа група спаѓаа само носителите на јавни функции од други држави. 

Опсегот на субјектите кон кои се преземаат мерки и дејствија за спречување перење пари и финансирање тероризам се редефинира. Во оваа група покрај носителите на јавни функции во Македонија се додадени следните категории: правни и физички лица кои даваат услуги за организирање и спроведување аукции, приредувачи на игри на среќа: лотариски игри на среќа, игри на среќа во обложувалница, игри на среќа во автомат клуб и интернет игри на среќа.

Во образложението од Министерството за финансии се посочува дека се прецизираат и усогласуваат со 4-та ЕУ Директива одредбите кои се однесуваат на вистинските сопственици и се предвидува воспоставување на регистар на вистински сопственици во рамки на Централниот регистар на РМ, се предвидува обврска за правните лица да поседуваат, чуваат и да ги впишат во регистарот на вистински сопственици податоци за нивните вистински сопственици, се зајакнуваат капацитетите на субјектите, особено на финансиските институции за спроведување на мерките за спречување на перење пари и финансирање на тероризам, а се намалува износот на забраната за вршење на готовински плаќања со цел да се намалат можностите за перење пари.

- Борбата против перењето пари и т.н. „сива економија“ е една од клучните насоки и барања од страна на Европската унија во нивните извештаи. Стопанските комори на Република Македонија исто така ја истакнаа загриженоста и потребата за намалување на ваквиот вид тргување со цел обезбедување на фер можности за сите, велат од Министерството за финансии.

Со законот се воведува надлежност на Советот за борба против перење пари и финансирање на тероризам да ги координира активностите за спроведување национална проценка на ризикот од перење пари и финансирање на тероризам и учествува во подготвувањето извештај за национална проценка на ризик од перење пари и финансирање на тероризам кој потоа треба да биде усвоен од Владата на Република Македонија.

Со него треба се зајакне и подобри работата на Управата за финансиско разузнавање и ќе се влијае на намалување на сивата економија. сст/вј/16:05

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ