• A-
  • A
  • A+
петок, 21 септември 2018, 

Осигурителната индустрија бележи умерен раст

Осигурителната индустрија бележи умерен раст

Скопје, 29 јуни 2018 (МИА) - Осигурителната индустрија во Република Македонија во првиот квартал од годинава заклучно со 31 март бележи умерен раст како во однос на бруто полисираната премија (БПП) и бројот на продадени договори за осигурување, така и во однос на зголемено профитабилно работење на друштвата за осигурување, пораст на капиталот, пораст на активата, на финансиските вложувања како дел од активата, како и зголемен број на вработувања, соопшти Агенцијата за супервизија на осигурување.

Оттаму наведуваат дека заклучно со 31 март на пазарот на осигурување во РМ активно работат 16 друштва за осигурување, од кои 11 друштва вршат работи на неживотно осигурување, додека пет осигурување на живот. Во 16-те друштва за осигурување вработени се 1.937 лица што преставува пораст на вработените лица од 0,26 отсто во однос на минатата година. Исто така, на пазарот на осигурување делуваат 36 осигурително брокерски друштва, 11 друштва за застапување во осигурување и четири деловни банки кои делуваат како застапници во осигурување.

Од Агенцијата посочуваат дека во првиот квартал од годинава е остварена бруто полисирана премија (во понатамошниот текст БПП) во вкупен износ од 2,36 милијарди денари, што претставува пораст од 5,17 отсто во однос на остварената од истиот период во минатата година. Во делот за неживотно осигурување остварена е БПП во износ од 2,03 милијарди денари што претставува пораст од 3,39 отсто споредено со првиот квартал од минатата година. Додека пак, бројот на склучени договори изнесува 282.158, што претставува пораст од 6,14 отсто. 

Од друга страна пак, кај осигурувањето на имот се забележува пад од 9,77 отсто со БПП од 484 милиони денари, при истовремен пораст на бројот на склучени договори од 6,61 отсто. Во делот на осигурување на живот, продолжува двоцифрената стапка на пораст на БПП, таа изнесува 17,88 отсто, при што остварената БПП изнесува 326 милиони денари. 

Друштвата за осигурување во првиот квартал од годинава исплатиле вкупно бруто износ на штети од 929 милиони денари (870 милиони денари неживотно осигурување, 59 милиони денари осигурување на живот). 

Во структурата на каналите на продажба кај неживотното осигурување, најголемо учество зазема директната продажба со 59,87 отсто, потоа следи продажбата преку осигурително брокерски друштва со 23,27 отсто, продажбата преку агенти - физички лица со 9,32 отсто, продажба преку друштва за застапување во осигурување со 6,74 отсто, банките со 0,32 отсто и 0,48 отсто преку останати дистрибутивни канали. Додека пак, во структурата на каналите на продажба кај осигурувањето на живот, најголемо учество заземаат осигурително брокерски друштва со 44,98 отсто, потоа следи директната продажба со 21,92 отсто, банките со 13,49 отсто, продажба преку друштва за застапување во осигурување со 10,89 отсто и 8,71 отсто продажба преку агенти-физички лица.

Во периодот 1 јануари до 31 март осигурителниот сектор оствари добивка пред оданочување во износ од 107,7 милиони денари, информираат од Агенцијата за супервизија на осигурување. рп/нд/16:33

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ