Почнува 48-часовниот Фин хакатон во Министерството за финансии

Почнува 48-часовниот Фин хакатон во Министерството за финансии

Скопје, 6 јули 2018 (МИА) - Во Министерството за финансии денеска попладне почна првиот Фин хакатон на кој над 70 млади лица ќе работат на развивање апликација што ќе ја користи ова Министерство за во иднина да го направи Буџетот на РМ подостапен и транспарентен за граѓаните.

Натпреварувачите на Фин Хакатонот, организиран од Министерството за финансии во соработка со Фондот за иновации и технолошки развој, во рок од 48 часа, до недела, ќе треба да ја исполнат оваа задача, а најдобрата апликација ќе биде наградена со 1,5 милиони денари, средства обезбедени преку Фондот за иновации како и можност за отворање сопствена фирма. Тие ќе треба да изработат и водео игра и видеа со кои на поедноставен начин ќе ги доближат јавните финансии до граѓаните.

Министерсот за финансии Драган Тевдовски на отворањето на Фин Хакатонот истакна дека тој е корисен и за Министерството, како прва институција што огранизира ваков тип настан, и за учесниците преку можноста да ја претстават својата работа, но и за општеството. Граѓаните, рече, ќе содадат продукт кој повторно ќе биде наменет за граѓаните, кои ќе можат на интересен и разбирлив начин да ги разберат јавните финансии.

- Производите што ќе ги креирате се многу важни за граѓаните, колку тие се повеќе информирани колку повеќе разбираат на што се трошат државните пари, толку е поголема нивната контрола на јавните финансии, кои наместо да се трошат за споменици, жални врби, палми ќе се инвестираат во образовни и здравствени институции, инфраструктура..., рече Тевдовски.

Директорот на Фондот за иновации Јован Депотовски истакна дека Хакатонот е дел од политиките на оваа Влада за вклучување на младите во промените што се случуваат во општеството, и тоа, како што рече, не само преку поддршка, туку преку нивна креација.

- Сметам дека ние не треба да им даваме уште една шанса на младите, туку тие да и дадат уште една шанса на државата да ги искористи и вреднува нивните капацитети и можности, рече Деспотовски.

Фин Хакатонот викендов е посветен на Буџетот на РМ. Граѓанскиот буџет добива нова форма, многу попристапна и поразбирлива за јавноста. Во апликацијата, видеото и играта ќе се прикажат приходите и расходите на државата, како тие се собираат и трошат, на начин приемчив за граѓаните.

На Фин Хакатонот учествуваат 73 натпреварувачи во групи од три до шест лица - програмери, графички дизајнери, економисти и креатори на софтвер. Тие за време на викендот ќе се преселат во Министерството за финансии и континуирано ќе работат на идејното решение.

В недела жирито ќе избере најдобри предлози. Во жирито покрај министерот Тевдовски, ќе бидат и претставници на академската заедница, на невладиниот сектор и експерти.

Најдобрата апликација што ќе биде избрана ќе ја користи Министерството за финансии, но таа ќе може да биде понудена и на други земји во регионот, бидејќи вакви алатки во околните земји не се користат, иако ги има во светски рамки. сст/дма/18:35

###

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ