• A-
  • A
  • A+
четврток, 20 септември 2018, 

Фалсификатите во Македонија доаѓаат од Кина и Турција, најчесто храна, облека, обувки

Фалсификатите во Македонија доаѓаат од Кина и Турција, најчесто храна, облека, обувки

Скопје,  18 август 2018 (МИА) – Фалсификуваната стока што стигнува во Македонија е од Кина и Турција, а најмногу подложни на фалсификување се бонбоните, пенкалата, текстилот, обувките, козметиката и модните додатоци.

Податоците на Царинската управа на Република Македонија покажуваат дека 48 проценти од привремено задржаната стока по основ на повреда на правото од интелектуална сопственост е од Кина, додека 46 проценти е од Турција.

-  Од јануари до јули годинава во 35 акции се задржани над 37 милиони парчиња стока поради основано сомневање дека повредуваат права од интелектуална сопственост. Во вкупната количина доминира учеството на  бонбони 41 проценти, 40 проценти се пенкала, седум проценти текстилни производи, над четири проценти обувки, над три проценти козметички производи и околу четири проценти модни додатоци, информираат за МИА од Царинската управа.

фалсификати

Согласно Законот за царински мерки за спроведување на заштита на правата од интелектуална сопственост доколку царинските службеници имаат сомнение дека предметната стока може да е фалсификат ја задржува и го информира носителот на правото преку неговиот првен застапник за утврдување на оригиналноста на стоката. Доколку носителот на правото потврди дека стоката е фалсификат царината започнува постапка за уништување  на стоката, но доколку од носителот на правото добие известување дека стоката е оригинал по завршување на царинските формалност се пушта во слободен промет.

Фалсификуваната стока, согласно закон, може царината наместо да ја уништи и бесплатно да ја отстапи. Се отстапува облека и обувки за семејства од социјален ризик, како и за санирање последици од елементарни непогоди. За да се отстапи фалсификуваната стока треба согласност од носителот на трговската марка, а треба да се обезбедат и уверенија од надлежните органи дека стоката е безбедна за користење. Пред да се предаде стоката се отстрануваат и обележјата на трговската марка.

царинска управа

- Eден од главните приоритети на Царинската управа на Република Македонија е унапредување на институционалниот и административен капацитет за ефикасна и ефективна борба против фалсификатите и пиратеријата, преку воведување зајакнати мерки на царинска контрола за откривање и спречување увоз, транзит и извоз на стоки што го повредуваат правото од интелектуална сопственост, како и зголемена соработка со носителите на ова право и нивните застапници во Република Македонија од една страна со сите надлежни институции  во земјата и странство од друга страна, велат од Царинската управа.

Со цел подигнување на свеста на граѓаните за можните штетни последици од употребата на фалсификати во април оваа година Царината почна и јавна кампања под слоганот  „Стоп за фалсификуваните производи“.

- На 5 април 2018 година, започнавме со активностите што беа реализирани во просториите на трговскиот центар Сити мол каде беше поставен штанд со изложени примероци од запленети фалсификувани  производи. На граѓаните им се делеа и флаери и царинските службеници во разговор со нив разменија информации за сè што презема Царинската управа во борбата против фалсификатите, како и информации за штетните последици од фалсификуваните производи и начините за лесно препознавање на  фалсификуваните производи, истакнуваат од Царината и додаваат дека Царинската управа останува фокусирана на заштита на корисниците од купувањето на фалсификуваните производи бидејќи тие претставуваат огромен ризик за здравјето на луѓето, додека светската економија бележи огромни загуби поради дејствија поврзани со производството и пуштањето во оптек на фалсификувани производи.

 Сузи Котева Стоименова

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Мозаик

Обожаватели на Принс бараат истрага за неговата смрт

Илјадници обожаватели на американскиот музичар При...

Објавена првата слика од новиот Џокер

Режисерот Тод Филипс на Инстаграм ја објави првата...

Експерти: Вештачката интелигенција ќе ни овозможи комуникација со животните

Желбата за зборување со животните тлее во многумин...

На Месечината има погребан човек

На Месечината има многу „ѓубре“ од луѓето што ја п...

Папата Франциско: Сексот е голем дар од Бога

Папата Франциско им порача на младите Французи дек...