Основната каматна стапка 2,75 проценти, НБРМ ја намали за 0,25 проценти

Основната каматна стапка 2,75 проценти, НБРМ ја намали за 0,25 проценти

Скопје, 15 август 2018 (МИА) - Народната банка на Република Македонија ја намали основната каматна стапка за 0,25 процентни поени со што таа изнесува 2,75 проценти.

Комитетот за оперативна монетарна политика на НБРМ,одлуката ја донесе вчера на седница врз основа на оценката на постојните економски и финансиски услови, како и на постоечките ризици.

- Намалувањето на каматната стапка е одраз на континуирано поволните движења на девизниот пазар, коишто покажуваат солидна надворешна позиција и стабилни очекувања на економските субјекти. Поволни се и поместувањата во депозитната база на банките, што исто така е сигнал за стабилни очекувања и доверба. Општо земено и на оваа седница, Комитетот ги задржа досегашните согледувања за здрави економски основи и отсуство на нерамнотежи, се наведува во соопштението во кое се додава дека понудата на благајнички записи е непроменета и се задржа на нивото од 25.000 милиони денари.

Од НБРМ посочуваат дека споредбата на последните макроекономски показатели за домашната економија со нивната проектирана динамика од априлскиот циклус проекции упати на одредени отстапувања во одделни сегменти од економијата.  - Надолни отстапувања во однос на очекувањата бележат остварувањата за растот во првото тримесечје. Сепак, по минималниот раст на економијата во првиот квартал, расположливите високофреквентни податоци за вториот квартал упатуваат на поповолни поместувања кај клучните показатели за економската активност. Активноста во индустријата продолжи да расте со солидни стапки на раст, растот во трговијата умерено забрза, додека  вредноста на извршените градежни работи продложи да се намалува, но со значително помал интензитет. Во второто тримесечје подобрување бележи и показателот за економскиот сентимент, стои во соопштението.

Надолно отстапување има кај инфлацијата. Во периодот јануари-јули просечната годишна стапка на раст на потрошувачките цени изнесува 1,5 отсто, што претставува надолно отстапување во однос на априлската проекција. Од НБРМ велат дека во услови на нагорна ревизија на надворешните влезни претпоставки кај проекцијата на инфлацијата и пониска остварена инфлација од проектираната, се оценува дека ризиците околу проекцијата на инфлацијата за 2018 година од два отсто се урамнотежени.

Кај девизните резерви е забележат раст во однос на крајот на претходната година, за што, како што стои во соопштението,  во голем дел придонесуваат и интервенциите со нето-откуп на девизи од страна на НБРМ. Поместувањата кај девизните резерви, се нешто повисоки од  очекувањата во рамки на априлските проекции, а анализата на показателите на нивната адекватност покажува дека тие и понатаму се одржуваат во сигурна зона. Податоците за надворешнотрговската размена за периодот јануари - јуни укажуваат на трговски дефицит, којшто не отстапува значително од проекциите, додека расположливите податоци за менувачкиот пазар покажуваат повисоки нето-приливи. 

Податоците покажуваат задржување на континуитет на растот и на депозитите и на кредитите. Забрзан раст на месечна основа е забележан кај депозитната база, при што поголем придонес за зголемувањето имаат корпоративните депозити, при истовремено зголемено штедење и на домаќинствата.

Одредени позитивни поместувања на месечна основа во јули според НБТМ, се забележуваат и на кредитниот пазар, во услови на раст на кредитирањето на домаќинствата. Во периодот април - јули, остварувањата кај депозитните и кредитните текови се повисоки од очекуваните за овој период. 

Ликвидноста во банкарскиот систем умерено се зголеми. Пониската ликвидност на банките заради сезонски повисоката побарувачка на денарска готовина на населението во јули целосно е надоместена од емисијата на ликвидност од НБРМ од интервенциите за откуп на девизи во износ од 56,5 милиони евра од банките поддржувачи на девизниот пазар. Високиот износ на откупени девизи се должи на продолжување на поволните движења на девизниот пазар од почетокот на година и во јули. Така, на девизниот пазар, банките во трансакциите со клиентите регистрираа континуирано повисока понуда во однос на побарувачка на девизи, при што понудата главно е повисока кај корпоративен сектор.

Висока понуда банките регистрирале и во трансакциите со менувачниците, што е вообичаено сезонско движење во периодот на годишни одмори, но со посилен ефект во однос на истиот месец претходната година. - Во такви околности, банките во трансакциите со клиенти реализираа највисок месечен нето-откуп на девизи, во периодот од 2012 година наваму. Притоа, имајќи ја предвид високата девизна ликвидност на банките, вишокот девизи беше насочен кон НБРМ. Поволни движења на девизниот пазар се забележуваат и во првата половина на август, што овозможи НБРМ да продолжи да откупува девизи од банките. Од почетокот на годината, интервенциите на НБРМ на девизниот пазар постојано се во насока на откуп, при што од банките поддржувачи се купени вкупно 198,4 милиони евра, и по подолг временски период, се издвојуваат како најзначаен фактор за зголемување на девизните резерви, појаснуваат од НБРМ.скс/са/13:48

###

 

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ