Да се продлабочи соработката со Холандија, досега поддржани проекти со 150 милиони евра

Да се продлабочи соработката со Холандија, досега поддржани проекти со 150 милиони евра

Скопје, 31 август 2018 (МИА) - Министерот за финансии Драган Тевдовски оствари средба со Алберт Герард, поранешен министер за надворешни работи на Холандија и со амбасадорот на Кралството Холандија во Република Македонија, Вилем Ваутер Пломп.

На средбата, информира Министерството за финансии, беа дискутирани можностите за продлабочување на соработката помеѓу двете земји.

Двете страни заклучија дека постои простор за зголемување на економската соработка, нови проекти и инвестиции.

Трговската размена со Холандија во првите шест месеци годинава изнесува 5,8 милијарди денари и е за 20 проценти повисока од минатата година. Притоа, извозот во овој период е зголемен за 23 проценти и изнесува 2,5 милијарди денари.

Министерот Тевдовски, истакна дека Холандија дава многу важна поддршка за реформите кои се прават во јавните финансии во РМ.

Истакната беше и фискалната транспарентност која е значително зголемена во изминатиот период.

Минатиот месец министерствата за финансии на Македонија и на Холандија потпишаа Билатерална соработка за 2018-2019 година, преку која се договара соработка помеѓу двете министерства.

Во рамки на билатералната соработка предвидени се обуки, пренесување знаења и искуства, консултации за среднорочното буџетирање, управување со долгот, даночната политика и јавната внатрешна финансиска контрола.

Досега, Холандија има доделено средства во висина од околу 150.000.000 евра за поддршка на проекти во Република Македонија.

Тековно, Амбасадата на Холандија во Република Македонија годишно обезбедува финансиска поддршка од околу 1,2 милиони евра, со фокус на демократијата и владеењето на правото.

РМ е во групата на земји од Холандската конституенца во Светската банка, ММФ и ЕБРД. Извршниот директор на Холандската конституенца ги претставува и застапува интересите на земјите членки во оваа група. скс/ев/19:37

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ