• A-
  • A
  • A+
сабота, 22 септември 2018, 

На министерски состанок во Белград ќе се одлучува за зголемените царини на Косово

На министерски состанок во Белград ќе се одлучува за зголемените царини на Косово

Скопје, 24 јули 2018 (МИА) - Заеднички став за одлуката со која Косово ги зголеми царините на овошјето и зеленчукот, се очекува од утрешната средба во Белград чиј иницијатор и домаќин е српскиот министер за трговија Расим Љајиќ. На средбата, покрај македонскиот министер за земјоделство Љупчо Николовски, ќе учествуваат и црногорската министерка за економија Драгица Секулиќ, како и министерот за трговија и економски односи на БиХ Мирко Шаровиќ. 

Косово ја воведе т.н. времена мерка на 18 јули годинава. Мерката предвидува 30 проценти повисоки царини за увезеното овошје и зеленчук, а ќе трае три месеци и важи за сите држави кои извезуваат на косовскиот пазар.

Земјите од регионот го осудија ваквиот потег и побараа повлекување на одлуката, образложувајќи дека е спротивна на ЦЕФТА Договорот и дека се коси со правилата за слободна трговија. Преиспитување побара и Европската комисија.

Ресорните министри од македонска страна веднаш по воведувањето на косовската мерка изразија очекување дека ќе биде повлечена. Оценија дека е паушално донесена, без аргументи за зголемен увоз и евентуални штети, како и дека е правно и формално нејасна. Министерството за земјоделство кое го потврди учеството на утрешната средба во Белград, вчера уште еднаш порача дека ако Косово не ја укине одлуката, Македонија ќе преземе контра-мерки за заштита на домашното производство.

Во меѓувреме, се бројат штетите од речиси стопираниот извоз кој, според стопанствениците, е нула во споредба со извозот пред воведувањето на одлуката кога бил преку 100 тони дневно. По минимум четири шлепери ја поминувале границата, а сега, максимумот е околу 30 тони. 

Вкупниот извоз на зеленчук и овошје од Македонија во Косово за периодот јануари - јуни 2018 година е над 2,5 милијарди денари. Увоз на земјоделски производи од Косово нема. Според Министерството за земјоделство, од одлуката на Косово најпогоден ќе биде извозот на доматите, пиперките и сливите. мч/са/09:29

###

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ