• A-
  • A
  • A+
четврток, 20 септември 2018, 

Деспотовски: Фирмите што аплицираа во ФИТР за 15 дена да ја декларираат сопственичката структура (ДПЛ) (видео)

Деспотовски: Фирмите што аплицираа во ФИТР за 15 дена  да ја декларираат сопственичката структура (ДПЛ) (видео)

Скопје, 24 јули 2018 (МИА) - Сите 79 компании од првиот инвестициски бран на Фондот за иновации и технолошки развој во рок од 15 дена треба да достават изјава со која што ќе потврдат односно негираат дали во својата сопственичка структура имаат лице кое е носител на јавна функција или член на неговото потесно семејство.

- Фондот за иновации и технолошки развој не е истражна институција, сопственичката структура не е критериум за одлучувањето, но во интерес на траспарентноста и кредибилитетот на целиот процес во којшто верувам длабоко ќе ги повикаме сите компании да се декларираат самите дали има во сопственичката структура некој што е носител на функција, рече денеска на прес-конференција директорот на ФИТР Јован Деспотовски. 

За оние компании кои ќе го декларираат тоа, најави Деспотовски, во рок од 15 дена како директор на Фондот согласно насоките кои ги добив од премиерот и неговата изјава, ќе побарам од Комитетот за одобрување на инвестициите повторно да ги разгледа тие проекти. Ќе се побара од Комитетот да испита дали компаниите кои ќе декларираат потенцијален конфликт на интерес навистина ги исполнуваат сите критериуми. 

Според Деспотовски, ова е една од активностите што ги презема Фондот по реакциите во јавноста околу распределбата на грантовите со повикот на Фондот на кој аплицираа 235 компании, од кои за 160 е донесена позитивна одлука за доделување грантови, а за 30 за условено вложување.

Како што најави, за следниот јавен повик секоја компанија при аплицирањето ќе треба да декларира дали во сопственичката структура има лица кои се носители на јавни функции или членови на нивни семејства.

Со 79. компании опфатени со првиот инвестициски бран се уште не се потпишани договори  и не е исплатен ниту денар буџетски пари.

-  Да сакавме да сокриеме нешто ќе ги  потпишевме договорите, па ќе ги објавевме резултатите, рече Деспотовски.

Одговарајќи на новинарски прашања појасни дека сопственичката структура не е критериум за оценување и оти таа се зема предвид кај инструментот иновативност и само од аспект на тоа дали доминантни сопственции на компанијата се државјани на Република Македонија.

Деспотовски тврди дека дополнителното разгледување на евентуалните проекти што би декларирале поврзаност во сопственичката структура со носители на јавна функција нема да го одолговлечи процесот на распределба на парите со повикот. 

- За тие што ќе се изјаснат дека нема такво нешто постапката си тече, ќе ги потпишеме договорите и ќе почнеме со реализација на средствата. Ако во првата група има компании кои ќе се повлечат поради конфликт на интереси парите автоматски ќе ги искористиме за фирмите кои се веќе на листа на чекање бидејќи имаме многу поголем обем на одобрени  проекти отколку средства на располагање, појасни Деспотовски.

Како што информираше, 79 компании од првиот инвестициски бран предвидуваат инвестици од 20 милиони евра, од кои  10,5 милиони евра се државни средства, а девет милиони евра приватни. Во нив ќе бидат анагажирани 460 лица, од кои 85 ќе бидат нови вработувања, а ќе се исплаќа просечна плата од 48.000 денари.

Пристигнатите проекти од компаниите на повикот што беше распишан на 27 април годинава и траеше 45 дена, ги оценуваа 80 домашни и пет надворешни експерти.

По објавувањето на резултатите од повикот во јавноста беа изнесени тврдења за злоупотреби во распределбата на грантовите на фирми поврзани со владини функционери, а Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција вчера оформи предмет по допрен глас. Обвинителството презема дејствија за утврдување факти во предметот, а во врска со евентуални сторени кривични дела во постапката по јавен повик за финансирање проекти во рамки на третиот столб од Планот за економски раст – прв инвестициски бран.​

Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, кој беше прозван во јавноста за грантот што го доби компанијата „Кастинвест“ каде е коспоственик, а од кој и се откажа, рече дека ги испочитувал сите законски аспекти и го охрабри обвинителството да го истражи случајот.лв/сд/15:09

###

 

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ