УНФПА и Заводот за статистика ќе соработуваат во областа на податоци за населението

УНФПА и Заводот за статистика ќе соработуваат во областа на податоци за населението

Скопје, 26 јули 2018 (МИА) - Фондот за население на ОН (УНФПА) и Државниот завод за статистика (ДЗС)  во  Скопје  потпишаа Меморандум за разбирање што предвидува јакнење на националните капацитети за собирање на податоци за населението, анализа, дисеминација и користење во развојните политики, соопшти денеска ДЗС.

Во текот на следните три години, УНФПА ќе обезбеди техничка помош за унапредување на статистиките на населението, вклучувајки го и пописот, се наведува во соопштението од организацијата.

Досегашната соработка, како што се додава, продолжува во насока на поддршка за зголемување на свесноста и знаењето на населението за важноста на официјалната статистика, како и континуиран дијалог со невладиниот сектор во однос на потребите за податоци за населението.

Генералната цел на Меморандумот за разбирање е да се обезбеди мониторинг на напредокот во спроведување на националните политики и стратегии поврзани со социјалната инклузија и репродуктивното здравје на адолесцентите, жените и мажите во државата, како и други национални и меѓународни обврски што се во согласност со Партнерството за одржлив развој на ОН за периодот 2016 - 2020 што го потпишаа Владата и тимот на ОН во државата. ев/са/08:36

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ