• A-
  • A
  • A+
сабота, 22 септември 2018, 

Електромобилите иднината во светот, Македонија се обидува да фати чекор

Електромобилите иднината во светот, Македонија се обидува да фати чекор

Скопје, 23 август 2018 (МИА) - Електричните автомобили полека, но сигурно, ги освојуваат светските пазари. Се повеќе автомобилската индустрија се насочува кон производството на овој тип автомобили како поекономични и поеколошки, а се зголемува и интересот кај потрошувачите. Податоците со кои располага Меѓународната агенција за енергетика покажуваат дека минатата година бројот на електрични превозни средства на светско ниво пораснал на рекордни 3,1 милиони возила, а се предвидува доколку амбициите на автомобилската индустрија раснат до 2030 година да има од 125 до 220 милиони електрични возила во светот.

Во продажбата на електромобили во Европа минатата година предничеше Германија која ја надмина Норвешка. Германската Влада и локалната власт веќе преземаа чекори со кои почнаа од употреба да ги исфрлаат дизел возилата како главни загадувачи на воздухот. Според податоците на Европската асоцијација на производители, продажбата на електрични возила во оваа држава лани се зголемила за 70 проценти. Во оваа бројка влегуваат како чисто електричните возила, така и plug-in хибридите.

полначи за електрични коли

Во Македонија сликата е сосема поразлична од државите во Европа. Интересот е мал, а слична е и продажбата на ваквиот тип на автомобили. Не е доволно развиена и инфраструктурата и инсталирањето на полначите за овој тип автомобили. Според нецелосните податоци, од вкупно 1.755 продадените нови возила за првите шест месеци од годинава само три се електромобили, а 27 хибриди.

Иницијатива за поставување полначи за овој тип автомобили веќе реализира ЕВН Македонија, која во неколку општини има поставено вакви уреди.  Целта е да се поттикне користењето на електричен погон што ќе придонесе за заштита на животната средина. 

Во Град Скопје, каде е и најголема продажбата на сите видови автомобили, досега се поставени околу пет полначи за електромобили на јавните паркинзи, но надлежните најавуваат дека во следниот период ќе бидат поставени 17 полначи на различни локации низ градот.

Петре Шилегов

- Ние сме мал играч на светскиот пазар кога е во прашање автомобилската индустрија. Јас сум должен поради визијата за градот, да подготвам ваква инфраструктура. Досега на јавните паркинзи во Град Скопје наместени се повеќе од пет полначи на електрични автомобили, а до крајот на годината ќе бидат 17 на различни локации низ градот. Тие својата соодветна употреба кај и да е ќе почнат да ја имаат бидејќи тоа е неминовност во трендот кој владее кај производителите на автомобили во светот, вели скопскиот градоначалник Петре Шилегов во изјава за МИА.

Развојот на електромобилите претставува закана за нафтените компании и може да предизвика пад на цената на „црното злато“ поради што овие компании во светски рамки почнаат да се насочуваат кон развивање на мрежи за полнење на електричните возила.  

полначи за електрични коли

Чекор кон обезбедување чист воздух и здрава животна средина

За да се поттикне интересот кај граѓаните за овој тип автомобили, експертите сметаат дека купувањето и користењето треба да биде пропратено со низа поволности како субвенции за купување на вакви автомобили, бесплатен паркинг, бесплатно полнење на возилото додека е паркирано на паркинг,..

Истражувачкиот центар за енергетика и одржлив развој при Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) изработи студија за транспорт, анализа на политики и мерки, што предвидува до 2035 година за 35 отсто да се намали емисијата на јаглероден двооксид од транспортот.

Студијата предлага намалување на акцизата и ДДВ при увоз на хибридни возила од 18 на пет проценти и да нема акциза за електрични возила, како и постепено изедначување на акцизата за дизелот и бензините и зголемување на еколошката такса за горивата од сегашните 0,08 отсто од продажната цена за литар бензини и 0,03 отсто за литар дизел на 0,3 отсто. Разликите од таксите да се користат за субвенционирање на купување на хибридни и електрични возила. Доколку власта сака да стимулира еколошки возила се предлага да има субвенции од 5.000 евра за набавка на електрично возило и 1.000 евра за plug-in возила.

До 2035 се предвидува да има промена на целиот возен парк во земјава и претежно да има електрични или хибридни возила, односно 40 отсто од возилата да бидат електрични од кои 25 отсто чисто електрични, а 16 отсто plug-in електрични возила.

- Електричните возила воопшто не загадуваат, но можат и индиректно да придонесат за намалување на емисијата на јаглероден двооксид доколку 50 отсто од електричната енергија во земјава се обезбедува од обновливи извори на енергија. Електричните возила се многу добри и за балансирање на електричната енергија во деловите од денот кога има дисбаланси, вели м-р Александар Дединец од Истражувачкиот центар за енергетика и одржлив развој при МАНУ.

Според студијата, политиката за увоз на стари возила од 2010 година најмногу придонела за зголемување на загадувањето од транспортот зашто предизвикала за 22,5 отсто зголемување на бројот на возилата. Патничкиот сообраќај учествува со 82 проценти во вкупниот број на возила и во последните четири година бројот на регистрирани возила е зголемен за 27 проценти.

Експертите велат дека дизел возилата се најголеми загадувачи на животната средина и потенцираат дека мерката за слободен увоз на стари возила придонела да се зголеми загадувањето, бидејќи најголем дел од новоувезените користени возила се дизел.

Даме Димитровски

Проф. д-р Даме Димитровски од Машинскиот факултет во Скопје предлага централната и локалната власт да размислат за доделување субвенции за вградување уред со почисто еколошко гориво за приватни возила, а особено за таксистите.

- Во суштина големи загадувачи се дизел возилата, а први на удар кај патничките возила се такси возилата кои поминуваат голема километража. Можеби е добро Град Скопје да размисли да им даде субвеција да поминат на следно почисто гориво и во рок од две до три години да ги ограничи во користењето на дизел. Значи да им даде субвенција да бидат такси на струја, на метан или на пропан-бутан, а од 2020 такси на дизел во Скопје да нема, вели Димитровски.

М-р Константин Мишев од Факултетот за информациски науки и компјутерско инженерство - ФИНКИ нагласува дека возилата најмногу трошат и најмногу емитираат јаглероден двооксид при нагли забрзувања и сопирања во сообраќајниот метеж. 

- Граѓаните мислат дека нивните возила трошат најмногу кога возат брзо, но тоа не е точно. Возилата трошат најмногу кога прават нагли сопирања и нагли забрзувања. Тоа најчесто се случува во секојдневието во сообраќајниот метеж кога возачот постојано е подложен дека треба да застане и потоа повторно да тргне со своето возило и со тоа емитира најголемо количество на јаглероден двооксид и останати загадувачи во воздухот, вели Мишев.. 

Возила загадување

Потенцира дека во Македонија речиси 80 проценти од возилата кои се возат се постари од 10 години, а само два процента се возила кои се новоувезени и имаат најмала емисија на штетни материи во воздухот. 

- Според ЕУРОСТАТ, Македонија со емисија на 147 грама на јаглероден двооксид по километар е најлоша во Европа и се наоѓа на последното место заради строста на возниот парк, посочува Мишев.

полначи за електрични коли

Електромобилите иднината на автомобилската индустрија

Норвешка и Германија се дел од европските држави во кои се продаваат најмногу електромобили. Во некои од државите, како на пример во Норвешка, купувањето на вакви возила е пропратено со низа поволности. Така, освен ослободување од данок на продажба на автомобили, за електрично возило не се плаќа такса за движење и со нив може бесплатно да се патува на ферибродови. Електричните возила се ослободени и од плаќање паркинг и може да се движат во лентата за автобуси.

Електромобилите, според најавите, ќе бидат дел и од Летните олимписки игри што ќе се одржат во Токио во 2020 година. Јапонската компанија за производство на автомобили „Тојота“ неодамна најави дека ќе обезбеди над три илјади електрични возила со кои ќе се транспортираат натпреварувачите до спортските терени. Со тоа организаторите сакаат да го претстават Токио како еколошки и технолошки град.

Сегашните верзии на електромобили користат батерија која може да издржи до 200 километри без полнење, но четирите јапонски компании „Тојата“, „Хонда“, „Нисан“ и „Панасоник“ најавија дека заеднички ќе работат на развој на нова геренација батерии со која ќе може да се поминат и до 800 километри со едно полнење.

Билјана Анастасова - Костиќ

Валентин Јанковски

фото: Ивана Батев

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ